Словачка го избра прорускиот националист Петер Пелегрини за претседател

Пелегрини е близок сојузник на премиерот Роберт Фицо кој ја укина помошта на Словачка на Украина


Петер Пелегрини беше кандидат на националистичката левица (Фото: Ројтерс)

 

Кандидатот на националистичката левица Петер Пелегрини победи на претседателските избори во Словачка пред либералниот, прозападен опозициски кандидат Иван Корчок.

Блискиот соработник на популистичкиот премиер Роберт Фицо доби 53,12 отсто од гласовите на вториот круг од изборите во саботата, додека поранешниот министер за надворешни работи Корчок имаше имаше 46,87 отсто.

Говорејќи во Братислава, Пелегрини вети дека „ќе се погрижи Словачка да остане на страната на мирот, а не на страната на војната“.

Корчок го призна поразот и му честиташе на победникот. „Разочаран сум“, рече тој, додавајќи дека го почитува резултатот.

Пелегрини станува шестиот претседател на Словачка откако земјата стекна независност по распадот на Чехословачка во 1993 година и ќе ја наследи Зузана Чапутова, првата жена шеф на државата во земјата.

Чапутова, цврста поддржувач на соседна Украина во нејзината борба против руската инвазија, објави дека нема да се кандидира за реизбор минатиот јуни, откако доби смртни закани.

Победата на Пелегрини ја зацврсти контролата на Фицо врз власта давајќи му нему и на неговите сојузници контрола на главните стратешки пунктови.

Претседателот на Словачка го номинира премиерот по парламентарните избори, дава заклетва на новата влада и назначува судии од уставниот суд. Претседателот, исто така, може да стави вето на законите, иако парламентот може да го отфрли ветото со просто мнозинство и да ги оспори пред уставниот суд. Шефот на државата има и право да помилува осуденици.

Владата, предводена од премиерот, поседува најмногу извршни овластувања.

Пелегрини (48), кој се залага за силна улога на државата, ја предводи левичарската партија Хлас (Глас), која заврши на третото место на парлчаментарните избори и се приклучи на владината коалиција со Фицо и ултранационалистичката Словачка национална партија.

Критичарите се загрижени дека Словачка под Фицо ќе го напушти својот прозападен курс и ќе ги следи насоките на Унгарија под нејзиниот популистички премиер Виктор Орбан.

Новата влада веднаш ја прекина секоја испорака на оружје за Украина. Илјадници луѓе неодамна излегоа на улиците низ Словачка за да протестираат против проруската и другите политики на Фицо, вклучително и плановите за измена на кривичниот законик и преземање контрола врз јавните медиуми.

Корчок беше критичен кон потезите на владата, за кои демонстрантите стравуваат дека може да го поткопа владеењето на правото, додека Пелегрини ја поддржа новата влада и не ја доведе во прашање нејзината политика.

Пред гласањето, Пелегрини изјави за новинската агенција АФП дека Европската унија и НАТО се „поделени меѓу оние кои се за продолжување на војната [меѓу Русија и Украина] по секоја цена, и оние кои бараат почеток на мировни преговори“.

Корчок, поранешен амбасадор во САД и Германија, цврсто го поддржува членството на Словачка во ЕУ и НАТО.

Пелегрини, кој беше поранешен заменик на Фицо во Смер, стана премиер во 2018 година, откако Фицо беше принуден да поднесе оставка по големите антивладини улични протести поради убиството на новинарот Јан Куцијак и неговата свршеница.

Пелегрини привремено се раздели со Фицо откако извалканиот со скандали Смер загуби на претходните избори во 2020 година.

Со победата на Пелегрини, Фицо се оддалечи од двата порази по ред на претседателските избори. Фицо беше поразен на претседателските избори од Андреј Киска пред 10 години, додека Чапутова извојува победа над кандидатот што го поддржа на гласањето во 2019 година. (Ројтерс, АФП)