Словачка ги откри договорот и цената за „Спутник V“
Договорот за набавка на руски вакцини „Спутник V“, што предизвика политички скандал и смена на словачкиот премиер, под притисок на јавноста беше објавен од страна на Министерството за здравство. Властите ветија дека ќе го објават тоа јавно, дури и ако Русија се спротивстави на тоа. Креаторите на вакцината изјавија дека не им пречи, но предложија да се објави и договорот за лекот „Фајзер“, заради споредба.
Договорот покажува дека купувач е словачкото Министерство за здравство, кое презело обврска „земи или плати“, т.е. стоката се плаќа без оглед на тоа колку од договореното сте го зеле.Станува збор за 2 милиони дози на вакцина, која се дава двапати. Цената за двете дози е вкупно 19,9 долари.
Но, ова не става крај на проблемите со употребата на вакцината „Спутник V“ во земјата, која е втора по Унгарија што се согласи на ваква вакцина. На почетокот на април беше објавено дека вакцината купена од Русија е различна од производот претставен со многу позитивна проценка во авторитетното медицинско списание „Лансет“.
Рускиот фонд за директни инвестиции (РФДИ), кој стои зад институтот што го разви „Спутник V“, го нарече ова тврдење лажно и провокативно. Потоа, тие побараа предметната серија да се тестира во лабораторија сертифицирана од ЕУ, а не во неовластена лабораторија, како што избра словачкиот регулатор и да им се врати за употреба во друга земја. Руската амбасада го нарече скандалот со вакцините „насочена кампања за нејзино дискредитирање“.
Истото важи и за коментарите на Русија за постапките на Анвиса, регулаторот во Бразил, кој во понеделникот објави дека „Спутник V“ содржи живи векторски вируси кои можат да се размножуваат во човечкото тело откако ќе се даде вакцината. РФДИ соопшти дека ќе ја тужи бразилската агенција за клевета и категорично негира дека има нешто точно во нејзините заклучоци дека станува збор за „сериозен дефект“.