Слика на Полок пронајдена во Бугарија, била дел од личната колекција на Чаушеску


Бугарија- Слика на Џексон Полок, откриена во Бугарија од страна на Генералниот директорат за борба против организираниот криминал, била дел од личната колекција на романскиот комунистички лидер Николае Чаушеску, објави бугарската национална телевизија од извори запознаени со истрагата.

Тоа се гледа од печатот на романски на задната страна на сликата, објави порталот Новините. Според информациите, главниот секретар на МВР, Петар Тодоров, изјавил дека досегашните прегледи на откриената слика укажуваат дека таа е оригинал на Полок.

Сликата е предадена на експерти од Националната уметничка галерија. Според Бугарското национално радио (БНР), кое првпат го објави откритието во вторникот, сликата би можела да вреди до 54 милиони долари (50 милиони евра).

Откривањето на оваа слика е резултат на меѓународна операција за трговија со уметнички дела во која се вклучени Генералниот директорат за борба против организираниот криминал, грчките агенции за спроведување на законот и Европол.

Полок беше американски сликар и главна фигура во апстрактното експресионистичко движење. Неговата екстремна форма на апстракција, наречена „акциона сликарство“, имаше силно влијание врз модерната уметност на 20 век.

Починал на 44-годишна возраст во 1956 година, оставајќи зад себе мал број познати дела. Сликите на Полок надминаа 60 милиони долари на аукција.