Следниот Самит на Европската политичка заедница на 16 мај во Тирана
Европските лидери на 16 мај идната година ќе се сретнат во Тирана, во рамки на шестиот самит на Европската политичка заедница, објави АБЦ њуз.
– Овој самит доаѓа во важен момент за Албанија, по напредокот што земјата го имаше на меѓународната сцена, но и на патувањето кон Европската унија, бидејќи на 18 декември се очекува да се одржи третата Меѓувладина конференција за 6-то поглавје, она за надворешните односи, наведува телевизијата.
Исто така самитот ќе се одржи само неколку дена по парламентарните избори што во земјата ќе се спроведат на 11 мај, на кои опозицијата најавува победа по поразите во претходните три изборни циклуси а актуелната власт “продолжување на напорите за Албанија во ЕУ до 2030”.
Петтиот Самит на Европската политичка заедница се одржа минатиот месец во Будимпешта, на кој главни теми беа случувањата во Украина и на Блискиот Исток.
Првиот Самит на Европската политичка заедница се одржа во Прага во октомври 2022 година и на него главно се разговараше за мировните и безбедносните прашања поврзани со војната во Украина и енергетската криза што таа ја предизвика.
На Втората средба на врвот во Кишинев во јуни 2023 година се разговараше за заедничките напори за мир и безбедност, енергетска отпорност и за поврзувањето и мобилност во Европа.
Третиот самит се одржа во Гранада во октомври 2023 година, на кој лидерите разговараа како Европа да се направи поотпорна, просперитетна и геостратешки позначајна.
Четвртата средба на европските шефови на држави или влади се одржа во јули годинава во замокот Бленхајм крај Оксфорд и на неа се дискутираше за одбраната, заштитата на демократијата, миграцијата, енергијата и поврзаноста.
Одлуката за создавање на Европската политичка заедница беше донесена на Самитот на ЕУ во јуни 2022 година, со цел да се здружат земјите на европскиот континент, да се поттикне политичкиот дијалог и соработката меѓу низ за прашања од заеднички интерес и да се зајакне безбедноста, стабилноста и просперитетот во Европа, во услови на драматичните последици од руската агресија врз Украина.