Следната недела повторно се отвора „Борис Трајковски“ за вакцинација


Фото: Б. Грданоски

Во текот на следната недела повторно ќе се врши вакцинација во салата „Борис Трајковски“ во Скопје.

– Имајќи го предвид притисокот, во среда или најдоцна во четврток неделава повторно ќе се отвори салата „Борис Трајковски“ зашто дел од вработените во Здравствен дом коишто беа на годишни одмори ги прекинаа и порано за да дојдат и да ја стават салата во функција. Сега ќе биде онаа помала сала, не големата. Меѓутоа, ќе има околу 20 места каде што ќе може да се спроведе вакцинацијата и верувам дека тоа ќе ги растовари метежот и редовите коишто ги имаме пред здравствените домови – рече Филипче.

Заклучно со вчера вакцинирани се 650.000 граѓани од кои 500.000 примиле две дози.

На прашање зошто во угостителски објекти не може да се влезе со негативен ПЦР-тест, одговори дека не е потребно да се изложуваат на трошоци зашто така би требало секој ден да прават тестови.

Во однос на серификатите за вакцинација и можноста за фалсификување, Филипче одгвоори дека контролата е во надлежност на инспекторатите. Потсети дека од пред неколку дена е потврдено дека нашиот сертификат се признава во Европската Унија. Соопшти дека покрај  апликацијата CommonPass, од средината на следната недела европскиот сертификат ќе може да се симне и на нова апликација – Мое здравје.

– Ги имаме сите електронски алатки за инспекторатите да бидат сигурни дека граѓаните имаат веродостоен документ, додаде министерот за здравство.

Венко Филипче вели дека ги разгледале барањата за прогласување карантин во Тетово и Гостивар каде што болниците се преоптоварени, но заклучиле дека тоа се големи рестрикции за кои сега нема потреба.