Славниот Џон Малкович доби хрватско државјанство
На славниот американски актер кој има хрватски корени, Џон Малкович, денеска му е врачено решението за хрватско државјанство. Ова го објави на социјалните мрежи хрватскиот министер за внатрешни работи, Давор Божиновиќ.
„Денес, на кратка, но важна церемонија, му го врачивме решението за хрватско државјанство на Џон Малкович. Светски познатиот актер, кој ја обележа кинематографијата со бројни улоги, презеде нова улога и стана хрватски државјанин. Честитки и добредојде“, рече Божиновиќ на Икс.
Денеска попладне Малкович беше примен во владата од премиерот Андреј Пленковиќ.
„Го примивме Џон Малкович во Бански двори и, заедно со министерот за туризам Тончи Главин и директорот на Хрватскиот туристички завод Кристијан Станичиќ, разменивме мислења за хрватската култура, туризмот, спортот и бизнисот“, објави премиерот на Икс. „Долгата кариера на Џон и неговиот уметнички успех се голема инспирација за помладите генерации и ни е мило што тој гордо ги негува своите хрватски корени“, нагласи Пленковиќ во таа пригода.