Слави Трифонов најавува влада, за премиер го предлага Николај Василев
Лидерот на бугарската партија Има таков народ, Слави Трифонов, најави формирање на влада. Иако резултатите не се јасни и со ГЕРБ си дишат во врат, тој денеска го прочита целиот состав на неговиот владин кабинет во кој нема улога за него лично.
„Слушнав и прочитав секакви работи за мене – предлози, лаги, секакви глупости. Ние не правевме само ТВ-емисии, реализиравме многу каузи. Сѐ е пред вас. Ме чуди што сè уште има луѓе кои не разбираат што правиме. Ние го правиме она што моралот и законот ни велат да го правиме“, изјави Трифонов во видео обраќање.
Според него, сегашниот систем репродуцира неморални луѓе, а единствениот начин да се променат работите е одвнатре, но со закон. Има таков народ нема да коалицира со која било партија и ќе преземе политичка одговорност да формира независна влада. Владата ќе биде составена од експерти кои ќе имаат приоритети, рече Трифонов. Тој го предложи Николај Василев за иден премиер, а Ради Најденов за министер за надворешни работи. Повеќето кандидати за функциите што ги прочита имаат дипломи од странство и зборуваат повеќе јазици.
Николај Василев беше вицепремиер и министер за економија во две влади, министер за администрација и државни реформи.