Скржави странски инвеститори и дарежлива држава


МИРЧЕ ЈОВАНОВСКИ

Корените на состојбите со ниските плати во компаниите во развојните зони се уште од самите почетоци на реализирање на концептот за привлекување странски инвестиции во земјава. Тој во стартот се темелеше на ниската цена на работната сила

 

Сите живеевме во уверување дека странските компании покрај новите работни места ќе овозможат и „странски“ плати, односно попристојни заработувачки од оние на овдешните, домашни газди.

Просечните бруто плати во фирмите коишто работат во технолошко-индустриските развојни зони (популарните ТИРЗ) се за 5,5 отсто пониски во однос на просечната плата во земјава. Овој податок, иако беше соопштен за прв пат во средината на декември минатата година, и во „второто читање“, на прес конференцијата на директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски во петокот, прозвучи прилично поразително.

Како прво, бидејќи сите живеевме во уверување дека странските компании покрај новите работни места ќе овозможат и „странски“ плати, односно попристојни заработувачки од оние што ги нудат компаниите на овдешните, домашни газди. Второ, само по себе е контрадикторно компании кои се декларираат како технолошко развојни (на што алудира и официјалниот назив на слободните економски зони) во просек да исплаќаат пониски плати од другите кои не се „технолошко развојни“, што би се рекло се од традиционалните дејности и кои работат надвор од економските зони. Без оглед што многу од овие компании всушност се трудоинтензивни и произведуваат компоненти кои не се софистицирани, односно немаат поголема додадена вредност. Трето, кај народот преовладува уверувањето дека државата е претерано дарежлива кон странските инвеститори кои сега се покажува дека се прилично скржави, барем кон нивните вработени.

Како и да е, Деспотовски соопшти една непријатна вистина. А, тоа е дека странските инвеститори не ги носат и високите плати од земјите од каде што доаѓаат.

Истовремено, Деспотовски ја повтори заложбата за „зголемување на платите на работниците ангажирани во индустриските зони за 30 до 50 отсто до 2024 година“ преку креирање посебни државни програми и мерки со кои, како шtо вели „ќе ги поттикнеме компаните да исплаќаат повисоки плати и да привлечеме инвестиции со повисока додадена вредност кои ќе донесат и подобро платени работни места“.

Како што објасни, тоа нема да се прави преку дополнителни субвенции, туку преку разни програми насочени кон вработените (а не кон компаниите), со кои ќе се зголемела нивната продуктивност и така би се извршил притисок врз работодавците да им ги зголемат платите.

Продуктивноста е стара болка на македонската економија. Уште полошо, наместо да се подобрува, таа се влошува. Токму нејзиното ниско ниво, не само споредено со развиените земји, туку и во однос на регионот, е една од клучните причини за неконкурентноста на македонските фирми и за нивото на платите во земјава воопшто (кое е речиси најниско во Европа).

Но делува чудно државата преку мерки да ги подобрува вештините и да ја зголемува продуктивноста на вработените во компаниите во технолошко-развојните зони. Токму таквите компании треба да се високопродуктивни. А, како што тоа беше презентирано и на прес-конференцијата, тие се главните носители на извозот од земјава.

Според податоците на Дирекцијата за технолошко индустриски зони, компаниите кои работат во овие зони лани оствариле вкупен извоз од 2,1 милијарди евра или околу половината од вкупниот извоз на државата. Што значи дека нешто повеќе од 14 илјади вработени кои работат во тие компании остваруваат извоз колку сите други фирми во земјава и вработените во нив. Па, ако таму беше лоша продуктивноста, тешко дека извозните резултати ќе беа такви какви што се.

Но, ова е уште еден аргумент повеќе за незадоволството што јавно го искажа Деспотовски, иако во релациите меѓу државата и странските инвеститори не е сѐ црно-бело. Од една страна има отстапувања во однос на она што било најавено како инвестиција и како број на вработени, но и државата не се испорачала некои од обврските поврзани со уредување на зоните, инфраструктурата, енергијата…

Корените на состојбите со ниските плати се од самите почетоци на реализирање на концептот за привлекување странски инвестиции во земјава. Тој уште од старт се темелеше на ниската цена на работната сила. За да се анимираат што повеќе инвеститори, се направија еден куп роуд шоуа, на кои токму евтината работна сила беше еден од главните аргументи со кои се „продаваше“ приказната за Македонија како поволна дестинација за инвестирање. И тоа не само на оние од Западна Европа, или од САД, туку и на оние од Кина, Индија и други таканаречени економии во појавување, кои и самите не така одамна го темелеа економскиот развој на евтината работна сила.

Се разбира, тука беа и другите фактори – местоположбата на земјата, склучените договори за слободна трговија, пристапот до европскиот пазар, инфраструктурата (која за жал одамна веќе не е конкурентна со другите земји), поволните (читај: најниските) даноци… Но, и бенефициите, како долгорочен закуп на земјиштето, ослободување од разни давачки и придонеси итн. Во првата фаза на привлекување странски инвестиции ваквиот пристап можеби имаше и логика, бидејќи, како што ја опишуваше нашата земја еден поранешен германски амбасадор, Македонија беше празен лист хартија за инвеститорите. Не знаеја ништо или имаа многу малку информации.

Да нема никакви дилеми – странските директни инвестиции се од огромна важност за секоја економија, особено за земја како нашата која се соочува со недостиг на домашни инвестиции, која има надворешно-трговски дефицит и минус во платниот биланс и чиј мал пазар е недоволен да овозможи економски раст и развој исклучиво со внатрешните потенцијали.

Многу земји во светот својот економски подем го должат токму на отвореноста кон странските инвестиции и на евтината работна сила. Таквата комбинација ѝ овозможи на Кина да стане „фабрика на светот“. И еден релативно мал Сингапур, со околу 6 милиони жители, благодарејќи меѓу другото и на отвореноста кон странските инвеститори сега е една од најконкурентните економии во светот. Но, токму примерот на Сингапур покажува дека странските директни инвестиции не се доволни самите по себе да направат чудо – туку клучни фактори за развојот на земјата, покрај фокусот кон странски инвестиции, се и трансфер на технологијата, инвестирање во човечкиот капитал, првокласна инфраструктура и про-бизнис ориентирана влада. Тоа овозможи да оствари неверојатен напредок – од земја од третиот свет да стигне до клубот на развиените со БДП по жител од над 52 илјади долари, за 54 пати поголем од почетоците на програмата за економски развој во шеесеттите години на минатиот век, кога земјата привлече илјадници мултинационални компании и кога исто така имаше многу дискусии за експлоатирање на работниците.

Можеби Македонија не може да го повтори успехот на Сингапур, но оваа приказна покажува дека и мала земја без природни ресурси, освен човечкиот капитал, може да стане глобално релевантна и да постигне економски развој.

Но и дека чуда не се случуваат преку ноќ, ниту со затворање во сопствениот двор и жигосување на странските инвеститори дека се лошите момци.

Во пазарна економија нема ништо подобро од здрава конкуренција. Тоа значи привлекување нови странски инвестиции кои ќе отвораат нови работни места и ќе ја зголемуваат побарувачката за работната сила.

За такво нешто не се потребни само убави зборови на политичарите, туку конкретни дела – правна држава, нулта толеранција за корупцијата, битка против сивата економија, инвестирање во образованието и инфраструктурата.

Тогаш државата нема да мора да биде толку дарежлива, ниту пак, странските инвеститори ќе можат да си дозволат да бидат скржави како сега – конкуренцијата ќе го направи она што сега се чини недостижно – а тоа се пристојни и би рекле, достојни плати за живеење.