Скратена работна недела – реалност и можности


Фото: Б. Грданоски

Скратена работна недела, помалку работни часови дневно. Ова е трендот кој го зафати светот последните две-три години. Се спроведуваат многу анализи, а некои земји отидоа голем чекор напред- воведување во законодавната практика и во секојдневното работење на компаниите. Дали ние може да го фатиме чекорот?

Европска и светска практика

Белгија е првата европска земја која во 2022 година донесе закон за четиридневна работна недела, Словенија од 1 јануари 2026 година воведува скратена работна недела за лица со 58 години воздраст, или за оние со најмалку 35 години работен стаж. Експериментално, во Германија е спроведен пилот за четиридневна работна недела, во Австрија некои компании ја нудат како опција, во Шпанија се прават анализи, а  Велика Британија спроведе шестмесечна програма за скратена работна недела. САД, Канада и Австралија  преземаат чекори за спроведување пилот програми за четиридневна работна недела.

Во нашето опкружување, во Црна Гора е најавена реформа за скратување на работната недела од 8 на 7 часа дневно со почетокот на 2026 година, а во Грција од идната година е најавено скратување на работната недела од петдневна на четиридневна.

Очигледно, спроведените анализи и истражувања, посебно каде е воведено или ќе се воведе скратена работна недела покажале позитивни резултати. Пократката работна недела многу подобро се одразува врз мотивираноста и продуктивноста на работниците, а со самото тоа и врз добивката на работодавците.

Во Македонија статус кво, ССМ бара намалување на работната  недела

Во нашата држава засега нема никакви промени во скратувањето на работната недела или да се намалат 40-те работни часови неделно на 35. Сојузот на синдикатите на Македонија безрезервно го поддржува концептот, а и конкретно се залага.

-Сметаме дека е повеќе од оправдано Македонија да го следи овој тренд и да не ја испушти шансата да биде помеѓу првите држави кои воведуваат унапредување на квалитетот на животот на работниците, повеќе време за семејството, но и зголемување на ефикасноста на продуктивноста. Став на ССМ е дека, ние, како земја аспирант за членство во ЕУ, треба да се залагаме за намалување на работната недела на  шест-седум работни часа дневно или четири работни дена во неделата, а не да се враќаме назад во историјата и да воведуваме експлоатација на работниците и  работа во просек по 12 часа, велат од Сојузот на синдикатите на Македонија.

Работодавците се против, главно, поради ниската продуктивност

Работодавците сметаат дека ниту компаниите ниту условите на стопанисување овозможуваат да се скрати работната недела или работните часови. Главен адут е ниската продуктивност која државата ја дели со земјите од Западен Балкан. Ова го образложува Никола Мариноски, претседател на Регионалната стопанска комора од Прилеп.

-Доколку се погледне структурата на македонското стопанство, и македонската индустрија, сметам дека не може да се воведе четиридневна работна неделата. Таквиот концепт бара голем степен на автоматизација и механизација на производството за да може да ги постигнеме сегашните резултати кои ги имаме. Ако ја земеме предвид и продуктивноста во Република Македонија, бидејќи сме на многу ниско ниво споредено со европските просеци, ќе видиме дека нема никаква опција и можност да се воведе скратена работна недела, вели Мариноски.

Има „лек“ за повисока продуктивност

Сојузот на синдикатите има свој против аргумент кога е во прашање продуктивноста и смета дека работодавците само „се вадат“ со тоа. Продуктивноста ќе се зголеми со подобрувањето на условите за работа  што ќе ги мотивираат работниците. Со сегашните состојби се зголемува опасноста за повреди на работното место, демотивираност, и оддалечување од членството на ЕУ.

-Продуктивноста на работниците е поврзана со условите за работа, примена на современи средства за работа, техники и технологии, здрави и безбедни работни услови, соодветна плата за обезбедување на егзистенцијата на работниците и нивните семејства, почитување на принципите на пристојна работа, право на одмор за обнова на работната сила и грижа за семејството. Само така работниците можат да бидат посветени на рабоатата и лојални на работодавачите. Во спротивно, сведоци сме на се помасовен одлив на работна сила од земјата, образложуваат од Сојузот на синдикатите на Македонија.

За тоа дека зголемувањето на продуктивноста е во корелација со подобри услови за работа, но и модернизација на производството, вложување во човечкиот потенцијал и, дури, воведување вештачка интелигенција се залагаат и експертите. Димитар Николоски, проофесор на прилепскиот Економски факултет по предметот пазар на трудот вели дека со ваквата состојба во стопанството речиси е незамисливо скратувањето на работната недела. Затоа стопанствениците мора да преземат чекори напред.

-Предуслов за воведување пократка работна недела и скратување на работните часови е, секако, високата продуктивност на компаниите. Македонија, како и другите земји од Западен Балкан, веќе подолго време се соочува со ниска продуктивност на трудот, што секако дека воведувањето на пократка работна недела,  пократкото работно време, е дискутабилно, односно, практично е неизводливо. Оттука, многу е битно компаниите да преземаат што повеќе мерки за зголемување на продуктивноста. Тука, пред сѐ, се мисли на вложување физички капитал, воведување нови, современи технологии, како автоматизација, роботизација, а во последно време во опција е и вештачката интелигенција. Но, не треба да се заборави и на вложувањето во човечкиот потенцијал, односно вложување во вештините, компетенциите на вработените, бидејќи тие се најважниот ресурс во компаниите, вели Николоски.

Граѓаните го делат ставот на ССМ, а Синдикатот укажува на законски измени, компатибилни со европските и светските трудови стандарди

Примена во некои земји, а другите ќе го сторат наредната година.

-Апсолутно треба да се намалат неделните работни часови. Посебно за помладите кои градат семејство, треба да поминат дел и со него, а така ќе бидат многу помотивирани за работа и давање поголеми резултати на работното место, вели средовечна прилепчанка која порано живеела во странство, а со години е во својата земја каде смета дека има големи потенцијали за развој.

Млад прилепчанец живеел и работел во Германија и во Белгија. Смета дека треба и ние да го делиме моделот на европските земји.

-Во ред е да има скратена работна недела. Искуството таму каде што работев покажува позитивни резултати. Работниците така ќе бидат поттикнати поквалитетно и повеќе да работат. Задоволни работници, добро е и за компанијата и поголем профит за сопственикот, вели младиот прилепчанец.

Сојзуот на синдикатите на Македонија кој безрезервно го поддржува концептот на скратена работна недела, односно помалку работни часови неделно од сегашните 40, предлага законски измени, усогласени со европските и посилен социјален дијалог.

-Потребни се законски измени, усогласување на работно – правното законодавство со европското и светските трудови стандарди, а  сето тоа може да се обезбеди со подобрување на социјалниот дијалог, промовирање на синдикалното организирање и активно вклучување на синдикатите во креирање на националните стратегии и политики за економски и општествен развој, велат од ССМ.

Скратената работна недела е веќе реалност. Но, сѐ уште не и кај нас. Се чека на поголема продуктивност.

Елизабета МИТРЕСКА