Скопје е наше, на сите нас кои го сакаме и го разбираме: Интервју со Јелена Лужина, театролог


Фото: Б. Грданоски

Предраг Матвеевиќ, мојот покоен пријател уште од пулските години, чудотворец кому му е посветен и еден од текстовите од „Скопски есеи“, една од своите книги на горе-долу овие теми ја насловил со ептен точна синтагма: „Тој што е тука, оттука си е!“ Италијанците велат „Tutto il mondo è un paese“.  Во превод: Сиот свет е троа-селце! Чуму и со што се  перчиме, тогаш? вели театрологот и преведувач Јелена Лужина во интервју за „Независен“   

Лејла Сабит

Ајде, сетете се, макар и најбегло, што сѐ овој град го има преживеано и надживеано во текот на својата долга историја: населувања и преселувања, земјотреси, чуми, порои и поплави, опожарувања – не само оние на Пиколомини,  за воени и ини разурнувања да не зборуваме… И? Ете го денес: каотичен, неорганизиран, валкан, урбанистички изнасилен, шашардисан, full of sound and fury – како што вели Шекспировиот Макбет. Ама, мува не го лази! Ќе ги надживее, со гаранција, дури и актуелните ни казинокапиталистички хорди кои, според нашиот бивш пријател Карл Маркс, помеѓу човек и човек не оставаат ништо освен гол интерес и плаќање во готово… вели Јелена Лужина во интервју за „Независен“ по повод новата книга „Скопски есеи“, во издание на „Арс Либрис“-осврти, коментари, ставови и сеќавања за градот во кој живее од 1987 година и за личностите кои го одбележале.

Лужина (1950, Дубровник), театролог, преведувач и книжевен теоретичар со завидна биографија ( четириесет и две години работела како универзитетска професорка и како менаџерка во културата, ги втемелила Институтот за театрологија при ФДУ (1997) и Музејот на Македонскиот народен театар (2013/2014), реализирала повеќе од 20 научноистражувачки проекти од областа на театрологијата, од кои повеќе од половина биле меѓународни, објавила 19 авторски книги (над 7.000 страници), пишувани на македонски и на хрватски јазик; приредила повеќе од 50 антологии, зборници, хрестоматии, монографии, енциклопедии… (над 20.000 страници)…  е извонреден соговорник и во продолжение на интервјуто, на луциден начин ни открива зошто го сакаме или не го сакаме Скопје, а пак му се враќаме.

Фото: Б. Грданоски

Вашиот омаж на Скопје почнува од корицата, која е илустрирана со мотив од делото Старо Скопје (масло 1960) од Бранко Костовски. Зошто книга за Скопје?

Заради најмалку стотина-и-кусур причини, сите директно поврзани  со  едноставниот факт дека Скопје е – мојот град! Eден од неколкуте важни градови во мојот живот! Град за кој оптирав своеволно  и „при чиста свест“, верувајќи дека во него ќе живеам исполнето, динамично и среќно. Изминативе 35 години докажаа дека изборот беше точен! И продуктивен. Чинам дека тоа го потврдуваат и сите петнаесеттина есеи собрани во оваа книга.

Со какви очи го гледате Скопје?

Како кога, зависно од годишните времиња, општествените констелации и „тековните недугавости“ кои ни ги компликуваат животите. На дневна база и на секој чекор. Сигурно не сум единствената која би сакала градот да ни е поспастрен, урбанистички „понормален“, попрооден – особено во врнежливите денови,  помалку невралгичен, не само во сoобраќајна  туку и во секоја друга смисла, менаџиран од троа покомпетентни управувачи кои, освен шупливите политички амбиции, евентуално би имале и некаква конкретна идеја што да прават со него…  Ама,  наспроти се, Скопје секогаш го гледам и го доживувам  како домче!  

Кај нас во Македонија постои поделбата на наши и ваши, особено во политиката. Чиво е Скопје?

Скопје е наше, на сите нас кои се идентификуваме со него, го сакаме и го разбираме, секој на својот начин. Ова го кажувам навистина компетентно, врз основа на седумдеценискиот опит на живеење во повеќе градови, држави, јазици, култури, традиции… Имав одвај три години кога  се доселивме во Пула, заради „прекомандата“ на татко ми, офицер на Југословенската ратна морнарица, тогаш со месеци закотвен во таканаречените меѓународни води пред италијанскиот град Трст. Во декември 1953 година, со мајка ми и со купишта покуќнини, среде наежената полувоена состојба, бев истоварена во незнаен и студен град кој, природно, не пречека како странци, „дојденци“, несакани минувачи. Во Пула, меѓутоа, останав полни 34 години и никогаш, апсолутно никогаш не го прифатив наметнуваниот ми статус на „дојденец“. Триж помалку на случаен минувач. До ден денес, дури и откако последниве 34 години ги одживеав во Скопје, Пула си ја имам како најсвој град. Често наминувам, пишувам за тамошните весници и списанија, учествувам во секакви  книжевни и театарски проекти, објавувам книги. Доказ: во октомври годинава, наспроти пандемијата, во Пула ја промовирав и книгата со наслов „Пулски есеи“ – по обемот и по дискурсот речиси идентична со „Скопски есеи“, објавени напоредно, овде, во издание на Арс Л амина. За два од неколкуте мои градови, ете, напишав по една книга.

Со други зборови: на секој обид да бидам етикетирана како странец, дојденец или случаен минувач, во текот на целиот свој живот јас инстинктивно трнувам во напад. И не се откажувам сѐ додека на противникот не му ја свиткам раката. Како во вестерните на Џон Форд.    

Предраг Матвеевиќ, мојот покоен пријател уште од пулските години, чудотворец кому му е посветен и еден од текстовите од „Скопски есеи“, една од своите книги на горе-долу овие теми ја насловил со ептен точна синтагма: „Тој што е тука, оттука си е!“ Италијанците велат Tutto il mondo è un paese“.  Во превод: Сиот свет е троа-селце! Чуму и со што се  перчиме, тогаш?

Фото; Б, Грданоски

Што најмногу ви се допаѓа во Скопје, а што ве одбива?

Најмногу му се восхитувам на она што Анри Бергсон би го именувал како скопскиот élan vital. Силата на животот, она „нешто“ кое на македонски би се дефинирало како жизната радост. Ајде, сетете се, макар и најбегло, што сѐ овој град го има преживеано и надживеано во текот на својата долга историја: населувања и преселувања, земјотреси, чуми, порои и поплави, опожарувања – не само оние на Пиколомини,  за воени и ини разурнувања да не зборуваме… И? Ете го денес: каотичен, неорганизиран, валкан, урбанистички изнасилен, шашардисан, full of sound and fury – како што вели Шекспировиот Макбет. Ама, мува не го лази! Ќе ги надживее, со гаранција, дури и актуелните ни казинокапиталистички хорди кои, според нашиот бивш пријател Карл Маркс, помеѓу човек и човек не оставаат ништо освен гол интерес и плаќање во готово…

Што не врзува најмногу во еден град? Луѓето, локациите, спомените…?

Градовите низ кои патуваме главно ги паметиме по најмаркантите  и најекслузивни нивни локации: ајфеловите кули, невските проспекти, мостовите на Тибар или на Арно, авениите (Монтењ, Унтер ден линден, Тверскаја, Петта…), триумфалните порти, плоштадите (Сан Марко, Кампо деи фиори, Страдун…), музеите (Алберт и Викторија, Тејт, Гугенхајм, Пушкин, Прадо, Бобур, Мома, Ермитаж, Уфици…).

Ама, градовите во кои живееме, „редовно“ ги доживуваме и ги чувствуваме заедно со луѓето со кои го споделуваме  нашето секојдневие. Градовите „за секој ден“ одат во пакет со луѓето „за по дома“, со блиските пријатели со кои го споделуваме животот. Десеттина/дваесеттина од тие пријатели се впишани и во книгата „Скопски есеи“. За жал, веќе ги нема. Ама трага што останала зад нив е како ѕвездената прав.

Еден град се освојува емотивно, со љубов, велите тука перманентно некој нешто освојува и тие освојувања се проблематични, бесмислени и непобеднички, правејќи паралели со вашиот роден град Дубровник, и со Пула во кој сте живееле 34 години.

-Дубровник го добив со кршталното и ќе го имам за вјеки вјеков, не требаше ниту тој да ме У-својува мене, ниту пак јас да го О-својувам него. Пула и Скопје ги натерав на ме У-својат, сакале-нејќеле.  Тргнавме со взаемна недоверба,  продолживме трпеливо, чекор по чекор, ама – мислам – процесот го затворивме успешно и на взаемна корист.

Како дојдовте во Скопје,  и што ве натера да останете тука?

Дојдов по сопствен избор, од лични причини, по темелно  разгледување/проверување на сите можни и неможни аргументи за и, особено,  аргументи против. Овие против ги имаше неспоредливо повеќе. Денес, 34-и-кусур години подоцна, сосема сум сигурна дека во Скопје го поминав најинтригантниот дел од животот.

Дали во Скопје се гледате и по пет години или…?

Заради неколку објективни и сосема прагматични причини, по пет-шест-седум години веќе нема да живеам во Скопје: стареам, знам дека нема секогаш да функционирам волку „самоодржиливо“ и феминистички задрто. Децата ми се во странство, со генерации сме воспитувани дека семејството треба да се држи на купче. Поедноставно ќе ѐ и попрактично да се преселам во Италија. Каде што, меѓу другото, и здравствениот систем е неспоредливо пофункционален од нашиот, тукашен.

Колку долго ги пишувавте есеите  и зошто го избравте овој книжевен жанр за да го посветите на Скопје?

Есеј е супериорен книжевен жанр, речиси прототип на она кое Умберто Еко го дефинира како „отворено дело“, текстура која мора внимателно да се „исткае“ од соодветното количество фактицитет („граѓа“, „знаење“, занает) и од уште посоодветното („попенливото“) количество имагинација, дух, вештина… Есеј, кога навистина е добар, секогаш е „последица“ на среќна комбинација од „материјалот“ и од „стилот“. А „стилот“ е, како што одамна велеше   оној Франсоа Буфон – самиот човек!

Накратко, есеј е компликуван и пипав книжевен жанр. Или треба да е „најдобар на свет“ или не треба да се пишува. Особено таканаречениот книжевен есеј. Проверете кај Монтењ, кај Т.С. Елиот, кај Крлежа, кај Питер Брук, кај Умберто Еко…

Еве, нескромно ќе се пофалам дека дури двапати имам добиено награда за најдобра есеистичка книга: еднаш во Хрватска, каде  таа го носи името на мојот професионален и животен ментор Зване Чрња; вторпат во Македонија, каде  е именувана по Димитар Митрев, еден од протагонистите на „Скопски есеи“.

Кои се лицата, персоните и сенките кои го обележаа Скопје?

Во оваа книга ги има петнаесеттина-дваесет. Некои кратко се спомнуваат, демек: попатно, некои владеат долж цели страници. Дури сега забележувам дека мажите ги има двојно повеќе: десеттина-петнаесет, наспроти „одвај“ пет-шест храбри жени, во секоја смисла автентични!  Две се “театарџијки“. Тодорка Кондова-Зафировска, жена-институција, актерка од првиот состав на МНТ, прва дипломирана македонска режисерка, долгогодишна професорка  на ФДУ, весталка која „своерачно“ се има изборено денешниот Драмски театар да стане самостојна институција (познавам извесни „раскажувачи“ кои збеснуваат на самото спомнување на овој факт, ама фактот си е веродостоен и докажлив, не само административно туку и јуридички!).  Втората  хередитарна „театарџијка“ е Нада Прличкова, сопругата на Петре Прличко,  „вечната“ суфлерка на МНТ која животот буквално го поминала шепотејќи. „Невидлива“ ама и „ненадоместлива“, што дома што на работното место…

Останатите три се first class писателки, моите најблиски скопски пријателки и секојдневни собеседнички: Светлана Христова-Јоциќ, Јадранка Владова, Љубинка Басотова... По нивното заминување, моево Скопје автоматски се престори во помал, значително посив и попуст град.

Фото; Б. Грданоски

Ги познававте лично и мажите  или…?

Да, имав голема среќа најголемиот дел од нив да ги познавам одблиску, да другарувам и да соработувам со нив, со некои дури и да се карам, да им готвам, правам колачи… Со еден од нив, Коле Чашуле, цели 22 години живеев во нешто што мислев дека дури и не постои (освен како мит) а се нарекува „идеален брак“. Токму нему му го должам и мојот скопски круг од книжевни, театарски, ликовни, научни, дури и политички „капиталци“. Неверојатно скромни и автентични херои кои фактички го „основоположиле“ сето она со кое македонската државност се идентификува (се уште?).

На кои животни лекции ве научи пандемијата?

На почетокот на февруари 2020, речиси пет минути пред светот буквално да се затвори, со ќерка ми отидовме во Париз, на големата  изложба на Леонардо да Винчи. На враќањето, во колата ја чувме веста дека на аеродромот Шарл де Гол е запрена група заразени Кинези. И дека короната стасала до Европа. Три недели подоцна, Италија беше во целосна блокада. Македонија во паника и во неснаоѓање кое, по сѐ изгледа, се уште е на сила.

Мене, чинам, животот и не ми се смени радикално: и натаму секојдневно пешачев низ Градскиот парк, најрано наутро;  пазарував во мугрите; живеев, главно, во работната соба, во комфорни затворски услови; читав и пишував, преведував… Меѓу другото, стокмив и две есеистички книги, една пулска и една скопска, ете.

Културата беше една од фелите која најтешко се прилагоди по короната, заради присуство или отсуство на културата. Каде ја гледате иднината на театарот?

Уф, на ова прашање навистина не умеам да одговорам. Откако активно се занимавам со театарот – некои шеесеттина години! – постојано се зборува  за неговата иднина која, наводно, е загрозена. Не верувам во таа загроза.

Вие сте театролог, книжевен теоретичар, критичар, есеист, преведувач. Што ве исполнува највеќе?

Сѐ! Секој ден сѐ повеќе, како што вели оној филмски јунак на Кустурица. Се сеќавате, секако, на Доли Бел!

Животот ви го дефинира минатото, сегашноста или гледате само во иднината?

Живеам прагматично и едноставно, Настојувам максимално да го исполнам и умно да го поарчам секој нов ден. Со подеднаков жар читам, пишувам, чистам по дома, готвам (секој ден), правам колачи (не ги јадам, ги подарувам), слушам музика, пешачам, се дружам со блиските, гледам добри филмови (не и останатите телевизиски програми!), талкам по музеите и по театрите, патувам…

И сѐ почесто  му се навраќам на она кое Шекспир го дефинирал како „The Quality od Mercy“: она што Порција го објаснува во судницата, во четвртиот чин од „Венецијанскиот трговец“, а Богомил Ѓузел го преведува како милозливост:

Се молиме за милост сите ние, / а молбата нѐ учи дека треба / да бидеме милозливи кон сѐ.“ (Во: Шекспир, Избрани дела, том 3, Скопје 1981, стр. 106).

На кои проекти работите во моментов?

Настојувам да ја привршам монографијата за легендарниот хрватски новинар Иве Миховиловиќ, еден од најголемите журналисти во овој дел од светот. Интензивно се занимавам со опусот на Влада Урошевиќ, најголемиот жив македонски писател. Потчкртнувам, катадневно, по некое текстуле… Како и сите здодевни и стари писатели на овој свет.