Скарлет Јохансон роди син, го крстија Козмо


САД– Холивудската актерка, Скарлет Јохансон се породила и има син на кој му го дале името Козмо.

Веќе некое време се шпекулираше дека Скарлет Јохансон е бремена, а нејзиниот сопруг Колин Џост од ТВ-шоуто „Сабота навечер во живо“ (СНЛ) за магазинот Пипл откри дека актерката се породила. Веста ја сподели и на Инстаграм.

-Ок, ок, добивме бебе. Името му е Козмо. Многу го сакаме, напиша и замоли за приватност.

За Колин ова е прво дете, а Скарлет веќе има седумгодишна ќерка Роус Дороти со новинарот Роман Дауриак.

Јохансон периодов е актуелна со тужбата до Врховниот суд во Лос Анџелес против „Дизни“ за прекршување на договорот, откако компанијата го прикажа филмот „Црна вдовица“ на својата стрим-платформа „Дизни плус“ скоро во истовреме кога започна тој да се прикажува во кината, пренесуваат светските медиуми.

Во тужбата се наведува дека Јохансон се договорила со компанијата дека нејзиниот хонорар во голема мера ќе зависи од приходите што ги има филмот. Таа изјави дека компанијата „Марвел“, во сопственост на Дизни, ветила дека долгоочекуваниот суперхеројски филм ќе има кинопремиера, па ќе следи временска рамка пред тој да се емитува на стрим-платформата.

„Црна вдовица“ е своевидна „Марвелова“ верзија на филмовите за Џејсон Борн. Заработи 218 милиони долари во првиот свој викенд овој месец.