Скандалот со пасошите ја прогонува Екатерина Захариева во Брисел

Во времето кога Софија масовно делеше пасоши на Македонци за пари Захариева беше министерка за правда


Красимир Каракачанов и Екатерина Захариева

 

Се извадија ножевите за Екатерина Захариева, поранешната министерка за надворешни работи на Бугарија и жена кандидат за Европската комисијата од ГЕРБ, која е дел од ЕПП, пишува „Политико“.

Во 2018 година, Захариева беше фатена во скандал околу продажбата на бугарски пасоши. Како што објави тогаш „Еурактив“, поранешен функционер за имиграција ја обвини Захариева, додека беше министерка за правда, дека заедно со измамата предводена од други врвни бугарски политичари дава државјанства во замена за готовина. Захариева ги негираше обвинувањата, а судски истраги немаше.

Сепак, политичките противници се исто така желни да ги потсетат сите на нејзината поврзаност со скандалот. „Со оглед на тоа дека еден од врвните приоритети на Урсула фон дер Лајен е владеењето на правото“, изјави бугарскиот нов европратеник Никола Минчев за „Политико“, старото обвинување „фрла сенка врз“ кандидатурата на Захариева.

Бугарија беше единствената земја што предложи и маж и жена за Комисијата, што значи дека фон дер Лајен лесно може да се одлучи за поранешниот министер за животна средина Јулијан Попов, чија бугарска партија е поврзана со групата Обнови ја Европа. Тоа, сепак, ќе го намали нејзиниот број на жени комесари на едноцифрен број.

Во сторијата на „Еурактив“ од 2018 беше наведено дека тогашниот вицепремиер Красимир Каракачанов, Екатерина Захариева и европратеникот Андреј Ковачев (исто од ГЕРБ) се одговорни за нелегална продажба на бугарски пасоши на странци, според тврдењата на свиркач кој доставил пакет документи што се чини дека го потврдуваат обвинението. Захариева за време на скандалот беше министерка за правда.

Овие наводи до „Еуроактив“ ги упати свиркачот Катја Матева, поранешен директор на Советот за државјанство, тело кое учествува во одлучувањето за доделување бугарско државјанство на странци. Матева беше отпуштена од Захариева во 2016 година, откако таа одби да учествува во измамата, вели таа.

Шефот на агенцијата за Бугарите во странство, Петар Харалампиев, беше уапсен под обвинение дека е дел од организирана криминална група. Харалампиев беше именуван по препорака на ВМРО, партијата на Каракачанов. Во сефот на Красимир Томов, главен секретар на оваа институција, пронајдена е противвредност од околу 285.000 евра во готовина.

Матева изјави дека главен извор на приход на ВМРО, под раководство на Каракачанов, била шемата пасош за готовина, која во времето кога таа била на функција се применувала за македонските државјани.

Таа рече дека му кажала на бугарското обвинителство дека Каракачанов добивал од 550 до 1.500 евра за секој Македонец на кој му бил доделен бугарски пасош во рамките на измамата. Бројот на кандидати дневно бил од 150 до 200, изјави таа пред обвинителството.

Според измамата, Македонците плаќале готовина за да добијат лажна потврда за бугарско потекло. Бидејќи Матева се спротивстави на измамата и блокираше над 7.000 апликации, Каракачанов изврши притисок врз министерката за правда Захариева да ја отпушти и да ги деблокира апликациите.

Матева рече дека Каракачанов бил под притисок од Македонци кои дале мито, но со блокирани документи сакале да им бидат вратени парите.

Според Матева, самата Захариева била под притисок на Каракачанов и давала отпор во почетниот период, додека европратеникот Андреј Ковачев не организирал средба на 3 јуни 2016 година со претставници на бугарска невладина организација во Македонија.

Оттогаш, Захариева направи пресврт, вели Матева, и ги задоволуваше барањата на Каракачанов за давање пасоши на клиентите кои плаќаат. Во исто време, Захариева започна со напорите да ја елиминира Матева од одлучувањето и набрзо ја исфрли.