Сивата економија во земјата на сивилото


ЗДРАВКО САВЕСКИ

Деновиве беше објавено дека плаќањата во готово во иднина ќе бидат ограничени на 500 евра. Тој износ е повисок од месечните приходи на голем дел од населението. И тој дел од населението ретко купува стоки и услуги над 500 евра. Едноставно, нема толкава куповна моќ. Поради тоа, оваа мерка нема да предизвика некое позначително нарушување во нивниот живот. А мерката е сепак важна, зашто има за цел намалување на сивата економија во Македонија.

Оваа мерка е добар повод за да продискутираме околу некои состојби околу сивата економија. Првата дилема што паѓа на памет кога ќе се спомне терминот „сива економија“ е дали тој можеби не е поприкладен да се користи како оценка за состојбата во која се наоѓа целата економија наместо само за оној дел од економијата што не е оданочен. Нашата економија речиси половина век е стагнантна, во неа владее сивило. Оттука, зарем не е соодветно таа да се смета за сива економија токму поради сивилото што владее во неа?

Добар дел од дискусијата околу сивата економија се води околу непријавената работа. Тоа е несомнено важен аспект. Важен е не само од гледна точка на приходите на државата, туку и од гледна точка на правата на работниците. Газдите воопшто не ги пријавуваат работниците, дел од плата им ја даваат „на рака“, „во плик“, ги ангажираат преку договори за дело наместо преку договори за вработување. Бидејќи во таков случај целосно или делумно не се плаќаат придонеси од плата за работниците, тоа значи дека идната пензија на работниците ќе биде пониска, а во одредени случаи работниците се лишуваат од можноста да остварат право на здравствено осигурување.

Во последно време се чини дека особено е во пораст плаќањето на дел од платата „во плик“. „Фајнанс тинк“ утврди дека во 2017 година 17,8 отсто од работниците, кои имаат формален договор за вработување, добиле плата во плик. Податоците на Центарот за истражување и креирање политики се уште поалармантни. Од овој истражувачки центар утврдија дека во 2016 година дури 44 отсто од вработените примале скриени плати, т.е. плати „во плик“.

Овие податоци значително се разликуваат меѓу себе. Но она што тие недвосмислено го покажуваат е дека појавата на исплаќање на дел од платата „во плик“ е значително застапена. Дури и да е поточна бројката од „само“ 17,8 отсто, таа алармира дека секој петти вработен во Македонија дел од платата ја добивал „во плик“. Со голема доза на сигурност може да се тврди дека оваа практика е значително позастапена во приватниот сектор и, оттука, дека во приватниот сектор многу повеќе од само секој петти вработен прима плата „во плик“. Важен е и податокот на „Фајнанс тинк“ дека дури 62 отсто од работниците осигурани на минимална плата добиваат и плата „во плик“. Ако е толку застапена практиката на исплата на дел од платата „во плик“, тогаш крајно време е институциите сериозно да се зафатат со работа.

Но дали тие го сакаат тоа? Една од институциите кои треба да се бори против ова намалување на приходите на државата и на идните пензии на работниците е Инспекторатот за труд. Еден од првите проблеми со кои се соочува оваа институција е недоволниот број вработени. Според Правилникот за систематизација на работните места, во овој инспекторат предвидени се 304 работни места. Уште при објавувањето на овој правилник во 2015 година, беше нотирано дека од овие предвидени 304 работни места, пополнети се само 204. Односно, дека Инспекторатот располага со една третина помалку кадар од потребниот. Но наместо во следните години да се пополни бројот на вработени според правилникот за систематизација, бројот на вработени во Инспекторатот дополнително се намали, на 190 во 2019 година.

И сето тоа се случува додека расте бројот на разни советници на премиерот, за нишање на вратата и за тресење на сламата, и тоа со прилично симпатични износи на плати и надоместоци! Ако имало пари во буџетот за дури 63 советници на Заев, како тоа нема за ангажирање нови вработени во Инспекторатот за труд? Зошто се дозволува бројот на вработени во Инспекторатот за труд уште повеќе да се намалува, ако проценките за сивата економија во Македонија се дека таа влече 20-30 проценти од БДП, па и повеќе од тоа? Ако навистина се сака борба против сивата економија, потребно е дуплирање на бројот на инспектори во Инспекторатот за труд. И бројот на дополнително вработени нишачи на врати и огромниот проблем со сивата економија, кажуваат дека Инспекторатот за труд мора да биде кадровски доекипиран. Намалувањето на процентот на сива економија неколкукратно ќе ги надмине буџетските средства за вработување нови инспектори за труд!

Ќе посочам на уште еден важен аспект на сивата економија (и на странските инвестиции), кој естаблишментот сака целосно да го игнорира. Станува збор за незаконските финансиски одливи што се вршат од земјите во развој, вклучително и од Македонија. Министерството за труд и социјална политика минатата година изготви Стратегијата за формализирање на неформалната економија. Но, во овој документ, овој проблем воопшто не го ниту спомна како еден од најчестите форми на неформална економија. Иако го нотира затајувањето данок како проблем.

Организацијата „Глобален финансиски интегритет“ со седиште во САД, веќе неколку години објавува извештаи за незаконските финансиски одливи од земјите во развој. Во 2015 година нивниот извештај предизвика значителен интерес и кај македонската јавност. И сосема со право. Зашто податоците покажаа дека од 2004 до 2013 од Македонија биле нелегално испумпани 5,2 милијарди долари, или просечно годишно по 516 милиони долари! Застанете тука малку и погледнете ги повторно бројките. Колку фрапантно огромна е оваа сума пари посочи поранешниот гувернер на Народната банка, Петар Гошев, во својата колумна со карактеристичен наслов „Грст бескрупулозни арамии ја разграбуваат Македонија“.

Насловот е сосема на место! А споредбата на износот на незаконските одливи со износот на странските директни инвестиции многу кажува. Во истиот период од десет години (2004-2013), вкупниот износ на странски директни инвестиции во Македонија изнесуваше 3,8 милијарди долари, значително помалку од сумата на незаконски одлеани финансиски средства од 5,2 милијарди долари. Сведени на годишен просек, во истиот период, во Македонија просечно годишно влегувале по 348 милиони долари директни странски инвестиции, а незаконски испарувале по 516 милиони долари.

Игнорирањето на овој проблем не значи дека тој не постои. Парите што се одлеваат од земјата и нивното неоданочување значи дека државата се лишува од огромни даночни приходи. Огромни даночни приходи кои можат да се стават во функција на развој на земјата и намалување на сиромаштијата на населението. Во ваков контекст, воведувањето мерки како ограничувањето на плаќањето во готово на 500 евра може да се покаже како полумерка, нешто како изговор дека, ете, нешто се прави околу сивата економија, а во меѓувреме, на газдите, особено на оние најкрупните, им се овозможува да трупаат дополнително богатство преку неоданочување на приходите.

Секогаш кога станува збор за решавање на проблемот со сивата економија и во поглед на воведувањето прогресивно оданочување, тоа не смее да се гледа како цел сама за себе. Ако власта несоодветно располага со државните и народните пари, тогаш легитимноста на даночните зафаќања во очите на јавноста веднаш паѓа во вода. За што плаќаме данок? За Ружин Помладиот да кешира 600.000 денари годишно за „советување“ на Заев? Ова е земјата на сивилото – за мнозинството од народот! Ама газдите и властоуживателите со парите на обичниот народ – живот живеат!