Сите што не се задоволни од Конкурсот, да поднесат жалба, вели Костадиновска-Стојчевска

Минатата година буџетот на Министерството за култура изнесувал 4,6 милијарди денари, а оваа година е 3,7 милиони денари


Годинашниов буџет за Министерството за култура е намален, во однос на претходниот, така што и средствата наменети за финансирање на проектите од национален интерес по одделни области и активности од културата се помали од ланските, објасни ресорната министерка Бисера Костадиновска Стојчевска одговорајќи на бројните реакции на тие што конкурирале, а не ги добиле средствата, како и на тие кои добиле помалку одошто барале.

-Ги повикувам сите кои сметаат дека на било кој начин биле обесправени, откако ќе ги добијат своите решенија и имаат забелешки по однос на одобрени проекти и сума, да поднесат жалба. Рокот за поднесување жалби е 15 дена. Комисијата сето тоа добро ќе го разгледа и ќе одлучи по однос на нивните жалби, изјави денеска министерката за култура по брифингот со медиумите, апелирајќи до сите да го искористат овој правен механизам.

Изминатиот период имаше најмногу реакции во однос на конкурсот за финансирање проекти од музичкиот и издавачкиот сектор. 

Костадиновска-Стојчевска потенцираше дека се до објавувањето на Конкурсот, не се знаеја претседателите на комисиите што ги разгледуваа пристигнатите пријави по одделни дејности и дека тие се објавени заедно со резултатите, за да се избегнат интервенции и притисоци. 

– Партиска припадност никогаш не била и нема да е критериум на овој конкурс за финансирање проекти од јавен и национален интерес, изјави денеска Костадиновска – Стојчевска на прашањето дека пејачката Цветанка Ласкова добила 300 000 денари за нејзиниот концерт ( од кои пари подоцна се откажа), само поради тоа што и е сопартиец.

-Не би сакала да ја коментирам реакцијата на Ласкова, но никогаш повеќе ова Министерство нема да одлучува по партиски критериуми, онака како што беше случај до пред неколку години како што сите паметиме дека ова се случуваше“, изјави таа.

Според неа, секој квалитетен проект за кој Комисијата ќе одлучи дека е квалитетен, треба да се поддржи.

-Никогаш да не се гледа на индивидуалност, да не се гледа на партиска припадност, како што сум сигурна дека тоа комисиите ниту за овој повик не го правеа, нагласи Костадиновска – Стојчевска. 

За откажаното издание на „Оффест“, министерката кажа дека тоа е одлука на самиот организатор.

„Одлуката е нивна, дали самите ќе ги вратат средствата. Имаат право 15 дена да поднесат и жалба. Можат електронски да аплицираат. Овој случај во 2019 ја добил истата сума, и со жалба добил дополнителни еден милион денари средства. Не е ова прв случај кога не им биле одобрени сите средства“, вели Костадиновска Стојчевска.

Буџетот за поддршка на проекти во културата за оваа година изнесува 12,5 милиони евра и е 20 отсто од целиот буџет. Минатата година буџетот на Министерството за култура изнесувал 4,6 милијарди денари, а оваа година е 3,7 милиони денари.

-Согласно овој буџет, според тоа што ние го имаме како должност кон националните установи, предвидени се 12,6 милиони евра за програмите, 21,3 отсто за националните установи и остатокот е за одделот на Министерството за култура, изјави Костадиновска-Стојчевска.

Аплицирањето за годишните конкурси за финансирање проекти, како што посочи министерката, за првпат се спроведе на националниот портал за е-услуги и за првпат решенијата за прифатени, одбиени и отфрлени проекти ќе бидат електронски испратени на профилот на корисниците.

-Во електронскиот систем се евидентирани 3 355 релевантни пријави, поради нецелосна документација во согласност со општите услови од конкурсот административно се отфрлени 332 пријави, има и примери кога апликантите не ги насочиле своите проекти во вистинска дејност и аплицирале во дејност каде не припаѓаат, а има и неколку случаи кога наместо документ за тековна состојба на правно лице не постара од шест месеци бил прикачен празен лист, и неколку случаи каде не бил активен статусот на здружението, рече Костадиновска-Стојчевска.

Со целосно аплицирање на електронски начин, како што додаде, значително се зголемила ефикасноста на работата при административната селекција на проектите. Оваа година е избегната практиката констатирана претходно, проекти со нецелосна документација да бидат предмет на разгледување од страна на комисиите.

На брифингот со новинарите стана збор и за предлозите што Министерството за култура ги доставило во постапката за изготвување нов закон за даночни олеснувања, со што би се обезбедиле повеќе средства за проекти од културата.

Костадиновска-Стојчевска ги повика и институциите од културата и невладиниот сектор, како и секој уметник одделно, да обрнат внимание на отворените повици за финансирање на културата од Европската Унија, од УНЕСКО и од други меѓународни фондови кои одвојуваат сè повеќе средства за поддршка на културата, особено за земјите од Западен Балкан. (Л.С.)