Сите пратеници на претседателот
Претставниците на ДУИ велат дека изборот на шефот на државата во собранието бил модел за парламентарна демократија. Фактите се поинакви. Дури во 21 земја во Европа претседателот се бира на непосредни избори, а само во осум во парламентите
Нема тука ништо спектакуларно, ниту политички грешно. ДУИ преку сите оружја, а албанската опозиција поумерено, ја фрли во политичкиот ринг новата коска за глодање – претседателот на државата да се избира во парламентот. Се разбира, тоа не е нова идеја, нов е само интензитетот со кој се промовира.
Има тука од сѐ по нешто, во некој сегмент повеќе, во друг помалку. Прво, една работа треба да ѝ се признае на ДУИ – дека умее да наметне наратив во општествениот дискурс. А јавноста да се занимава повеќе од што изгледа дека заслужува тој наратив.
Се сеќавате кога во јуни 2021, неколку месеци пред локалните избори, трагајќи по нов избор за реинвентирање, ДУИ објави дека се свртува кон зелената агенда. Па дури Али Ахмети тогаш се обрати на македонски јазик: „Денес е ден на животната средина. Исполнет е Охридскиот договор, интеграција во НАТО, правична застапеност. Се изградија училишта, болници, театри. Време е ДУИ целосно да се фокусира на животот. Зелената агенда станува дел од ДУИ“. Зелени балони, зелена сцена, зелено пано на бината во Градскиот парк во Скопје. Тоа беше толку неопходно тогаш за локалните избори, па сепак, партијата не успеа да ги добие двата клучни града, Тетово и Гостивар. Оттогаш таа остана во фасциклите и албумите со фотографии.
Приказната за прв Албанец премиер почна по изборите во 2020 година, кога Зоран Заев, ковајќи го мнозинството за новата влада се согласи во последните три месеци од мандатот кадар на ДУИ да го води кабинетот. Не беше тоа ништо специјално, ниту драма од која може да се разнишаат темелите на поредокот. А ДУИ не пропушташе да го споменува тој договор секогаш и кога треба и кога не е неопходно. Еве го Талат Џафери сега како технички премиер.
Премиерот Џафери не е оној Џафери од Собранието
Изгледа изненадувачки за многумина, но Џафери не е оној Џафери од Собранието. Во оваа улога преовладувачкиот впечаток е дека не се снаоѓа, дека повеќе се грижи за рејтингот на партијата, речиси секојдневно крстарејќи ги општините каде има голем број албански гласачи. За еден месец отиде во Брисел да разговара со челниците на Европската унија, беше на Минхенската безбедносна конференција, на самитот на Југоисточна Европа со Украина во Тирана… За гласањето со истечени документи дава контрадикторни изјави во рок од само два дена. Неговите претходници на ваквата функција, Емил Димитриев и Оливер Спасовски, беа повнимателни и повоздржани во промовирањето на партиските агенди. Џафери како да не сака да биде повнимателен, неговата агенда е повеќе изборна. И веќе почна да си го подјадува угледот и реномето кое го стекнаvo шесте и пол години како собраниски спикер.
Тоа е за мизансценот. Сега за она што главната порака на ДУИ и нејзиниот кандидат за претседател, Бујар Османи. Никој не рекол дека во промовирањето на една идеја за време на избори не треба да се кажуваат полувистини, да се премол;уваат вистини, или да се кажуваат погрешни нешта. Во која држава и во која кампања не се случува тоа? Тешко дека би можело да се најде нормална демократија каде работите во кампања одат по една фина лента, каде работите се зборуваат како кога со бели нараквици мнимателно се фаќа скапоцен сребрен предмет.
Дали тврдењата за избор на претседател во Собранието со двотретинско мнозинство и со Бадентер би биле навистина висок дострел во македонската демократија, како што тврди во неколку интервјуа Османи? Се разбира дека не е. Изборот на македонскиот претседател е најважното нешто каде што граѓаните, сите граѓани, го имаат последниот збор, а не партиските структури. Без оглед што кандидатите се на партиите, па макар тие формално и не биле нивни членови. Еден кандидат мора да ги прескокне партиските меѓи за да може да биде избран за претседател. Во македонската политика тоа е вистинската убавина. И така избран може да има независен глас, онолку колку што му дозволуваат ингеренциите и онолку колку што тој сака, или онолку колку што не сака.
Османи вели дека со избор во парламентот претседателот ќе биде сврзивно ткиво на едно меѓуетничко општество, затоа што ќе биде избран со поголем консензус од етничките заедници. Да, со консезус на партиите, а тогаш тој како претседател ќе има многу мал простор да ги претставува граѓаните, туку генерално ќе треба да ги претставува интересите на партиите.
И Османи и неговиот партиски колега Арбер Адеми велат дека претседателот треба да го избира Собранието затоа што така се избирал во една парламентарна демократија, а оние претседатели што се избирале на непосредни избори биле дел од претседателските системи. Тоа се неточни тврдења, барем што се однесува до Европа. Или само малку точни.
Само двајца претседатели кои се избираат во Европа се дел од претседателски систем, оние во Франција и во Русија. Во Србија претседателот има огромна моќ, која ги покрива сите институции, но тоа не произлегува од уставот, туку од начинот на владеењето на Александар Вучиќ.
Фактите за Европа
Еве ги другите факти за Европа.
Дури во 21 држава од Европа претседателите се бираат на непосредни избори на сите граѓани во два круга на гласање (ако е потребно). Само во осум држави тоа се прави во нивните парламенти. Тоа се Германија, Естонија, Летонија, Унгарија, Италија, Грција, Албанија и Косово. Освен претседателот на Италија, сите други шефови на држави имаат, повеќе или помалку, протоколарна функција. Иако, генерално, се врховни команданти на армијата.
На пример, претседателот на Грција, освен што го дава мандатот за составување влада, нема други посериозни надлежности. Претседателот на Албанија се бира со мнозинство од три петини на пратениците, а негова должност е да го одредува датумот на изборите, како и во некои други европски држави. Речиси никаде, не се преминало од избор на непосредно гласање на избор во парламентот. Чешка направи обратно. До 2013 претседателот го бираа двата дома на парламентот, Претставничкиот дом и Сенатот. Но од таа година шефот на државата го бираат граѓаните на непосредни избори за да му дадат поголем легитимитет и многу поголема важност во општеството.
Претседателот на Унгарија е, генерално, церемонијална фигура, чиј избор зависи од волјата на партијата на власт. Примерот што повремено се споменува – Германија, е речиси несоодветен. Прво, од начинот на изборот, а понатаму со надлежностите кои ги има. Претседателот на Германија (сега е Франк-Валтер Штајнамер) се бира на специјална федерална конвенција, каде учествуваат сите пратеници на Бундестагот, како и електори од 16 германски покраини. За да биде избран кандидатот во првите два круга треба да освои апсолутно мнозинство. Ако го нема, во третиот и финален круг претседател станува кандидатот што добил мнозинство од оние што гласале.
Улогата на претседателот на Германија е главно церемонијална, тој мора да биде дистанциран од секојдневните политички расправи меѓу партиите, но може да дејствува политички и да поттикнува генерална политичка и социјална дебата за прашања што се важни за општеството. Има минорна надлежност во надворешната политика.
Најголема моќ од претседателите што се бираат во собранието има шефот на државата на Италија. И тој се бира од специјален изборен колеџ со мандат од седум години. Колеџот брои обично околу 1.000 електори и е составен од членовите на парламентот, Сенатот и претставници на 20 региони на Италија. Претседателот (сега е Серџо Матарела) е врховен командант на вооружените сили и претседава со Високиот совет на судството. Тој го претставува националното единство и гарантира дека италијанската политика е во согласност со уставот. Без оглед на која политичка идеологија припаѓа почитувањето на претседателот е целосно од партиите и граѓаните. Улогата на претседателот е исклучително важна во време на политички или владини кризи, кога тој низ серија разговори го одредува најдобриот можен излез и го предлага мандатарот за следниот кабинет.
Дури во 21 држава претседателот се избира на непосредни избор на граѓаните за да му дадат мандат на еден човек кој треба да биде гарант на уставноста во земјата и да го претставува нејзиното единство. Некои имаат голема моќ (како во Франција), некои се повеќе олицетворение на духот и заедништвото на нацијата (како во Ирска). Единаесет држави во Европа се монархии – кралства, кнежевства или големи војводства.
(Линк до текстот во Дојче веле овде)