Сите донираат оружје за Украина, а тоа е заглавено во Полска – како да се пренесе до воените единици
Во полските пригранични градови се трупаат залихи, а украинските војници полека остануваат без муниција
Западот донираше противтенковски ракетни системи NLAW од Обединетото Кралство, противтенковски ракети Javelin од САД и Естонија, противтенковско оружје Panzerfaust 3 од Холандија и противтенковски ракетен систем Stinger од Германија за Украина. Сепак, членките на НАТО одбија да понудат логистичка поддршка за испорака на оружје за Украина, бидејќи ризикуваат нивните војници да бидат повредени или убиени за време на транспортот, што на крајот може да ја вовлече самата алијанса во војна.
Д-р Ватлинг, исто така, предупредува дека Москва најверојатно ќе ги засили нападите врз украинските конвои кои носат оружје. Ваквите потези потенцијално би можеле да ја доведат Русија многу блиску до границата на НАТО, што во најлошото сценарио може да предизвика нови воени ескалации со Западот.
Дополнителна компликација за Киев е усогласувањето на оружјето и опремата донирани од Западот со украинските единици.
„Донираниот материјал мора прво да го донесете на првата линија, но и да најдете некој кој ќе знае да го искористи. Германски системи за ракетни гранати, финско, шведско и холандско противтенковско оружје… Ниту една од оваа опрема не е иста, така што процесот на полнење и пукање е различен“, објаснува Џек Ватлинг.
Поранешниот британски воен разузнавач Филип Инграм се согласува.
„Секој вооружен систем е различен. Само затоа што некој е професионален војник, не значи дека ќе знае да користи каква било опрема. Мора да има елемент на обука. Важно е Украинците да го знаат системот за оружје, инаку сè што ќе им се донира ќе биде бескорисно. Тоа ќе биде предизвик за нив на теренот“, смета Инграм.
Во источна Полска може да се забележат воени возила и опрема како се движат кон границата со Украина. Градот Пжемишл, кој се наоѓа во близина на граничниот премин Медика со Украина, може да биде влезна точка за воена опрема испратена од Запад.