Системот „Безбеден град“ е оспорен пред Уставниот суд. Има и кривична пријава
Група граѓани поднесоа обемна претставка до Уставниот суд и кривична пријава до Јавното обвинителство против министерот Панче Тошковски, тврдејќи дека новиот систем за казнување преку СМС од проектот „Безбеден град“ е неуставен, технички небезбеден и дискриминирачки.
Според подносителите, начинот на кој „Безбеден град“ функционира во моментов – преку испраќање линкови до PDF документи на мобилни телефони – претставува грубо кршење на приватноста и правната сигурност на граѓаните.
Централниот аргумент во претставката до Уставниот суд се однесува на техничките предуслови за прием на казната. Системот подразбира дека секој возач поседува „паметен телефон“, активна интернет конекција и знаење да ракува со апликации за отворање PDF документи.
„Законодавството не бара граѓанинот да поседува мобилен интернет или паметен уред,“ се наведува во правната аргументација.
Ова создава ситуација во која дел од граѓаните (постари лица, социјално ранливи категории или оние со постари телефони) се реално оневозможени да ја примат казната, да видат за што се товарат или навремено да поднесат жалба. Со тоа, директно се нарушува уставното право на правична постапка и правна заштита.
Подносителите предупредуваат дека СМС пораките не се валидно средство за службена достава според европската регулатива eIDAS, бидејќи нема доказ за идентитет: Не може со сигурност да се потврди кој е испраќачот, а линковите во пораките отвораат широк простор за сајбер-криминал и кражба на лични податоци и банкарски сметки на граѓаните.
Покрај ова, поднесена е и кривична пријава до Основното јавно обвинителство и Обвинителството за гонење организиран криминал. Пријавата е насочена против министерот Панче Тошковски и други Н.Н. службени лица.
Тие се товарат за злоупотреба на службена положба и овластување; несовесно работење во службата; неовластено собирање на лични податоци со телефонските броеви со регистрираните возила, што е спротивно на Законот за заштита на лични податоци и GDPR стандардите.
Дополнителен аспект на оспорувањето е територијалната покриеност. Подносителите реагираат дека поставувањето на фиксни камери само во одредени градови (првенствено Скопје) ги става граѓаните во нееднаква правна положба. Додека еден возач во Скопје ќе биде автоматски казнет, возач во друг град за истиот прекршок може да помине неказнето, што го нарушува уставниот принцип на еднаквост пред законите.