Сирија следниот месец ќе одржи парламентарни избори со новата исламистичка власт

Сирија ќе ги одржи своите први парламентарни избори под новата исламистичка администрација на 5 октомври, јави државната новинска агенција Сана.
Се очекува новото собрание да ги постави темелите за поширок демократски процес, откако поранешниот сириски претседател Башар ал Асад беше соборен минатиот декември, по 14-годишна војна. Критичарите сметаат дека според сегашниот систем, малцинските групи не се доволно застапени.
Собранието, исто така, ќе има задача да одобри закони за реформирање на економските политики кои со децении се под контрола на државата, и ратификување на договори кои ќе ги преобликуваат надворешнополитичките сојузи на Сирија.
Гласањето за Народното собрание кое брои 210 членови ќе се одржи „низ сите изборни окрузи“, објави Сана, иако изборната комисија минатиот месец соопшти дека гласањето ќе биде одложено во три покраини поради безбедносни причини.
Сегашниот сириски претседател, Ахмед ал Шара, ќе именува една третина од членовите на Народното собрание.
Сирија првично соопшти дека изборите ќе се одржат во септември и оти гласањето ќе биде одложено во Сувајда, каде што во јули се судрија Друзите и сунитските бедуински племиња, како и во провинциите Хасака и Рака, кои во моментов се под контрола на курдските Сириски демократски сили.
Во март, Сирија објави уставна декларација според која преодниот период ќе се одвива под водство на Шара. Според документот, централна улога игра исламското право, со гаранција за правата на жените и слободата на изразување. Сепак, се појавија загрижености за концентрацијата на моќ во рацете на исламистите.