Симпозиум на гинеколози: Жените доцна доаѓаат на гинеколошки преглед – најважна е превентивата

Жените доцна доаѓаат на гинеколошки преглед, најчесто откако ќе забележат некакви симптоми на болест, дел од нив немаат избрано ни матичен лекар, а првото запишување го прават токму кога имаат потреба од лекар.
Д-р Ламбе Крстевски, матичен гинеколог кој има ординација во Шуто Оризари во Скопје, вели дека неговите бремени пациентки редоввно доаѓаат на прегледи. Сепак, има жени кои доаѓаат и запишуваат матичен гинеколог кога доаѓаат на преглед поради некакви симптоми на болест. Апелира да се работи со жените од овие средини, тие да се едуцираат од важноста да се посетува гинеколог преку работилници, за да не станат пациентки. Дури 2.500 жени од оваа скопска општина која претежно е населена со ромско население немаат здравствено осигурување, а уште 1.000 немаат избрано матичен гинеколог, иако тој таму ординира веќе две години.
– Не доаѓа да го изберe матичниот гинеколог предвреме, туку само ако има некоја ургентна ситуација. Треба да се едуцираат да се доаѓа на превентивни прегледи, не само во ургентни ситуации каде што се ставаме во една ситуација каде треба да ја решиме многу брзо. Со тоа се оптоварува секако и терциерното здравство. Доколку имаме добра превенција, ќе се намали оптоварувањето кон терциерното здравство, подвлече Крстески.

Пред денешниот симпозиум на гинеколозите и опстетичарите во рамки на Неделата на женското здравје, тој апелираше до властите да им овозможат здравствено осигурување на сите жени, затоа што тоа може да се направи без работен статус. Вели дека прегледите на тој начин се бесплатни.
Симпозиумот има за цел не само да ги унапреди знаењата и вештините на здравствените работници, туку и да ја подигне свеста кај општата популација за клучните аспекти на здравјето на жените.
Според лекарите, превентивата е најважна за спречување на појава на рак, а тоа се постигнува со редовни гинеколошки прегледи. Ракот на грлото на матката, на телото на матката или на јајниците може успешно да се лекуваат доколку бидат откриени во раната фаза, а жената да има долг живот по интервенцијата. Сметаат дека и ракот на гради треба да биде под надлежност на гинеколозите, место како досега, него да го третираат радиолози и торакални хирурзи.
Професор д-р Глигор Тофоски рече дека на симпозиумот ќе бидат одржани важни предавања од колегите од другите земји, а ќе бидат предочени проблемите во нашето здравство со закажување термини, воведувањето современи методи за рано откривање на гинеколошки ракови, место со популарниот ПАП-тест, тоа да се прави со ХПВ-тест, зголемување на опфатот со ХПВ вакцинацијата и кај машките и кај женските деца, со што заболувањата би се намалиле и до 90 отсто.
– Успеавме дел од жените да дојдат порано на преглед и со помала интервенција да продолжат со нормален квалитет на живот понатаму – рече Тофоски.

Но, како што информираше тој, сѐ уште имало пациентки кои доаѓаат во поавансирани карциноми, во потешка фаза. Тој спомена анализа од Министерството за здравство, според која, таквите пациентки никогаш не се вражаат на квалитетот на животот како пред болеста, а ја спомена и финансиската димензија.
-Една пациентка со поавансирана фаза државата ја чини над двесте илјади евра со сите третмани, терапии, хемотерапии, операции, боледувања, отсуство од работа…а за разлика од тоа, секој денар инвестиран во превентивата, секоја стимулација на пациентките да доаѓаат без потреба на чисто редовен преглед кај гинеколог, може да заштеди многу пари и е многу поевтин во суштина и за пациентката, меѓутоа и за државата – нагласи Тофоски.
Меѓу другото, тој кажа дека не само жените, туку и семејствата треба да ги стимулираат нивните мајки, сестри, ќерки, да одат на преглед, да има една општа здравствена едукација.
Еден од панелите се однесува и на воведувањето на вештачката интелигенција во гинеколошките испитувања, за начиот на кој таа ќе им ја олесни работатат на гинеколозите, но и ќе им помогне во дијагностицирањето.

Професор д-р Горан Димитров, претседателот на Македонското лекарско друштво, рече дека македонското здравство не изнајде начин да обезбеди навремени термини за посебни тестови и прегледи на жените со рак. Предложи во „Мој термин“ да се воведе „син термин“ односно, да има барем четири термини кои ќе бидат слободни во секое време за жените со дијагностициран рак, за да не се чека, а дијагнозата да се постави навреме.
– Тоа беше наша иницијатива. Како што во други држави постои „син термин“ – слободен, тоа беше покренато како иницијатива во доцната есен минатата година. Нашиот предлог е во „Мој термин“ секогаш да има слободни места. Барем за одредени болести да има четири до шест, соопшти Димитров.
Свое обраќање имаше и Марија Башеска Стојановска, новинарка – толкувач на знаковен јазик во МРТВ, претставничка од заедницата на лицата со попреченост.
– Овие средби со гинеколози и тимот со нив, отворија многу прашања што укажуваат на потребата од нивелирање на потребата на дамите со попреченост и услугите што треба да ги добиваат подеднакво како и сите други пациенти во нашиот здравствен систем, којшто одамна е укажано дека има потреба од универзален дизајн. А тоа значи, дека дури и гинеколошките прегледи стануваат мачнина кога една глува, слепа, жена со телесна попреченост треба да се грижи и да гради здравствена култура. Токму овој проект дава еден исчекор и ги трга завесите од нашите срца за да можеме од двете страни да седнеме и слободно да ги укажеме потребите, смета таа.
Според неа, аспекти на тој пат што треба да се елиминираат, има многу.
Организаторот Македонска асоцијација на гинеколози и акушери (МАГО) ја нагласува важноста од редовните превентивни прегледи и рано откривање на здравствените проблеми, како и информирање на сите жени во земјава дека изборот на матичен гинеколог е од клучна важност за редовните превентивни прегледи.
„Здравјето во фокусот на жената“ е меѓународниот симпозиум што ќе се одржува од денеска до недела во рамки на Неделата на женското здравје 2024. (Б.Б.)