Сиљановска и Радев денеска и утре се во Рим. Дали ќе се сретнат?
Двајцата претседатели утре во ист ден ќе бидат на аудиенција кај папата Франциско, но во базиликата „Сан Клементе“ ќе бидат во различни денови
Денеска и утре во Рим и Ватикан се претседателите на Македонија и Бугарија, Гордана Сиљановска-Давкова и Румен Радев. И двајцата доаѓаат по ист повод 24 мај, Денот на светите браќа Кирил и Методиј и словенската азбука.
И Сиљановска и Радев утре се на аудиенција кај папата Франциско, но не истовремено. И двајцата ќе се сретнат со државниот секретар на Ватикан, кардиналот Пјетро Паролин.
Радев ќе биде утре во базиликата „Сан Клементе“ на литургија за Свети Кирил (каде што е погребан), а и во црквата „Санта Марија Маџоре“. Сиљановска во двете цркви ќе отиде следниот ден, на 24 мај.
Иако се во исто време во Рим нема никаква најава дека може да се сретнат, дури ни да се разминат при аудиенциите кај папата. Сиљановска—Давкова најавуваше во кампањата дека нејзината клучна зложба ќе бидат добрите односи со соседите и дека сака прво да ги посети главните градови во соседството, а не да оди во Брисел.
Единствената разлика во агендите на двајцата претседатели е што Сиљновска ќе се сретне со италијанскиот шеф на државата Серџо Матарела. Тоа ќе биде нејзина прва средба со некој странски државен функционер и деталите од разговорите ќе бидат следени внимателно, особено од Грција.
Иако двете држави, Македонија и Бугарија, слават исти личности (како и целиот словенски свет) 24 мај поинаку се објаснува во Софија и Скопје. Во најавата од кабиентот на бугарскиот претседател се вели дека тоа е „Ден на светите браќа Кирил и Методиј, на бугарската азбука, образование и култура и на словенската литература“, додека во соопштението од кабинетот на Сиљановска се нагласува дека таа ја предводи „државно-црковната делегација во посета на Италијанската Република и Светиот престол по повод манифестацијата ‘Македонија во чест на Св. Кирил’“.
Посетата на црквата „Санта Марија Маџоре“ од двете страни се објаснува различно: во соопштението од Софија се вели дека „претседателот (Радев) ќе ја посети и базиликата ‘Санта Марија Маџоре’, каде папата Адријан Втори ја благослови бугарската азбука во 9. век“, додека во соопштението од Скопје се вели дека Сиљановска ќе ја посети истата црква и „ќе положи венец на спомен-плочата на македонски јазик во чест на делото на Светите браќа Кирил и Методиј“.
Во 2021 година претседателите Радев и Стево Пендаровски патуваа заедно во државниот авион на Бугарија (кој застана во Скопје) во Рим на свеченостите за светите браќа. Тоа заедничко патување не придонесе за намалување на тензиите во односите и за симнување на бугарското вето. Оттогаш двете земји си имаат своја сопствена програма за 24 мај. (Н.В.)