Сиљановска телефонски разговарала со Зеленски
Претседателката на Северна Македонија Гордана Сиљановска-Давковa денеска во телефонски разговор со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, ја нагласи „нашата цврста и недвосмислена поддршка кон Украина во однос на неиспровоцираната и неоправдана руска воена агресија“. Осврнувајќи се на меѓународното право, принципите на Повелбата на ОН и Статутот на Советот на Европа, претседателката рече дека украинскиот народ може и во иднина да смета на македонското сојузништво и пријателство во справувањето со историскиот предизвик со трајни и несогледливи последици.
Двајцата соговорници разменија мислење и за претстојниот Самит чиј домаќин ќе биде Швајцарија, а со цел да создаде рамка поволна за сеопфатен и траен мир во Украина. Претседателот Зеленски во текот на разговорот ја покани претседателката Сиљановска-Давкова да ја посети Украина, за што тие дополнително ќе се консултираат на Самитот во Швајцарија, се вели во соопштението од кабинетот на Сиљановска.