Силјановска против германскиот филозоф: Хегел не е во право


Георг Хегел

 

Претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, денеска се зафати и со толкувањата на големите филозофи, па во нејзината опсервација се најде Георг Хегел. На митингот во Неготино таа рече дека таткото на дијалектиката не бил во право кога напиша дека секој народ ја заслужува својата власт.

Како филозоф кој поттикна огромни промени во цивилизацијата, Хегел, според Силјановска не бил во право за Македонците, затоа што тие заслужувале подобар претседател и премиер од тие што сега ги водат.  

„Оваа држава е далеку од правна држава, државата ни е партиска. Мислам дека вие не ја заслужувате оваа власт, тоа треба да се смени и по овие претседателски избори ветувам дека ќе го сторам она што го очекувате од мене. Секој ден ќе ви докажувам дека мојот легитимитет извира од вас, а не од некој друг“, рече Силјановска-Давкова.

Таа тврди дека во Македонија сега постојат две држави во една, две собранија, два премиери и за тоа вината била и кај шефот на државата.

Силјановска се плашела кога нашите државни претставници оделе во странство:

„Се плашам кога сегашните државни претставници се среќаваат со странци и се прашувам што ли ќе кажат, дали ќе стојат на ставот. Одат со еден став, се враќаат со друг став, а потоа воопшто немаат никаков став и затоа не заслужуваат почит. Граѓанките и граѓаните на Неготино не заслужуваат ваква власт“, изјави Силјановска-Давкова во Неготино.