Силјановска – аутсајдер во сопствената кампања или жртва на лидерската величина на Мицкоски?


Фото: ВМРО-ДПМНЕ

 

Кандидатката за претседател, Гордана Силјановска-Давкова, сѐ повеќе е гостин на сопствената изборна кампања, што ѝ ја води и на која се фотографира без усул лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Освен што станува збор за класична партиска злоупотреба на нејзината кампања за да се билда рејтинг за парламентарните избори – нешто што треба да го санкционира ДИК, од три митинзи што беа најавени вечерва фотографија на Силјановска се појави едвај на еден, во Битола, додека во Новаци и во Демир Хисар  претседателската кампања ѝ ја водеше кандидатот за премиер, чиј пи ар тим успеа да испрати дури дваесетина фотографии во кои тој е главната звезда, а Силјановска се појави само на две во крупен план и – со наведната глава.

Практично од првиот митинг во Скопје, Силјановска е во втор план, а Мицкоски во прв, што може да значи дека Силјановска нема физичка сила или нема политички капацитет да се носи со кандидатурата или, што е поверојатно, Мицкоски нема капацитет да се носи со можноста да победи на изборите и да стане премиер. Едноставно кажано ароганцијата од можната власт веќе му удрила во глава.

Место Силјановска, од ВМРО-ДПМНЕ од Битола стигна соопштение за говорот на Ѓорѓија Сајкоски, носител на листата за пратеници од Изборната единица 5 , кој порача дека на Битола и на Македонија им се потребни промени и дека тие заслужуваат да бидат претставувани од човек како Гордана Силјановска Давкова. Сајкоски додаде дека Силјановска е професионалец со извонредни достигнувања.

„Таа е член на Венецијанската комисија, еден од најактивните пратеници. Во политиката таа е борец за право и правда. Потребно е претседателот да биде со народот кој ќе се стреми кон национално единство, а таа постојано говори и се заложува за истото“, кажа Сајкоски.

Според Сајкоски потребно е единство прво да се постигне дома во државава, а потоа да бараме и другите да не почитуваат.

„Огромен број на сериозни проекти има партијата. Силјановска е гаранција дека можеме да ја побараме поддршката од вас за реализација на истите“, додаде Сајкоски.

Сајкоски вети дека и тие и професорката ќе бидат чести гости работно тука во Битола и ќе се создава перспектива за градот.

„За да бидеме целосно успешни ќе ни треба лидер, ни треба претседател како Силјановска, но ни треба и добар премиер како господинот Мицкоски зошто нашите планови се сериозни“, изјави Сајкоски.

Сајкоски на крајот од обраќањето ја побара поддршката од граѓаните на Битола на претстојните избори.

„Ја бараме вашата доверба поддршка и глас. Тие ќе се помош во борбата за подобра Македонија. Глас за Силјановска е поддршка за Македонија. Глас за ВМРО-ДПМНЕ е поддршка за Македонија“, порача Сајкоски.

Збор зеде и Мицкоски , кој порача дека претседателот Стево Пендаровски е арогантен.

-Треба да добиеме впечаток дека е сега дојден нов во политиката, а не пет години претходно и место претседател тој стана коментатор кој по ниедно дело нема да го запаметиме. Тој е едноставно како турист во сопствената земја, порача Мицкоски.

Тој праша што направил Пендаровски во неговата 30 годишна кариера како политичар и советник, додавајќи дека Стево е „нераскинлив дел на криминалната коалиција СДСМ и ДУИ“ – во склад со неговите тврдења дека води позитивна кампања.

-Еве ве прашувам што направил Стево Пендаровски во неговата 30 годишна кариера како политичар и советник? Ако некој се сети да го предложиме за Нобелова награда. Стево е нераскинлив дел на криминалната коалиција СДСМ-ДУИ од кои впрочем и бараше поддршка на овие избори. А, сега сака намерно да се претставува дека е на дистанца, посочи Мицкоски.

Мицкоски истакна дека Пендаровски се плаши од дуел сам со себе, а не пак дуел со Силјановска Давкова.

-Но, она што важи како легенда е дека Стево Пендаровски најмногу се плашел од Артан Груби и кога ќе го видел мирно стоел со часови, не се поместувал, рече тој и додаде:

-Додека  глуми самодоверба тој е длабоко во себе еден уплашен човек седнат во скутот на ДУИ. И ме асоцираат и тој, а и Ковачевски и нивниот однос со ДУИ на култната реплика од филмот „Среќна нова ’49“ кога изневерените очекување кон пријателот се оправдуваа со реченицата: „Извини Пиги Морално беше”, Извини Пиги морално беше ќе им каже ДУИ на Пендаровски и Ковачевски вечерта на 8 мај кога сите заедно катастрофално ќе изгубат и ќе бидат поразени од народот, порача Мицкоски од митингот на Силјановска.