Сиљановска не успева да излезе од „чизмите“ на Иванов
Сиљановска ниту еднаш не отиде во ЕУ откако е претседателка, а успеја да му понуди стратешко партнерство на Азербејџан
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова веќе неколку дена е во работна посета на Азербеjџан, земја која да нема гас, ретко кој би добил желба да ја побара на мапата и која повеќе се прослави на Евровизија отколку во политиката. Таму таа имаше повеќе средби, меѓу кои и со претседателот Илхам Алиев, покрај обраќањата на глобалната конференција на која покрај неа присуствуваат уште два три непензионирани светски политичарии.
Денес стигна соопштение дека во Баку имало огромен интерес за македонската делегација (во која, патем, покрај Сиљановска се и два министра), дека привлекле внимание на домашните и на светските медиуми и дека на „престижниот меѓународен самит“ разговарале за иднината на светскиот поредок, со заклучок дека Македонија „ја зацврстува својата позиција на меѓународната сцена“.
Всушност, тоа што се случува во Баку е бајата политичка манифестација на веќе видено во Европа – заради тоа што некоја земја има нафта или гас, да се затвораат очи пред скандалозниот углед на државата. Фактот пак дека до Сиљановска во првиот ред седеше поранешниот претседател Ѓорге Иванов, и дека зад организацијата на посетата на Сиљановска стои и неговиот поранешен тим, само покажа колку претседателката, од која се очекуваше повеќе, не може да излезе од кругот, од политиката, па и од „чизмите“ на Иванов. Кој, пак, целиот период додека беше на власт се вртеше кон авторитарни лидери и кон Истокот, и држеше предавања за меѓународна (не)правда, градеше клиентелистички место политички врски, билдаше популизам и беше апсолутно невлијателен во однос на вннатрешната политика на владата.
Сиљановска, на која ѝ се „расипа“ авионот токму кога требаше да замине во Франција, на отворањето на Нотр Дам, сега го троши својот демократски углед правејќи му рејтинг на Алиев, кој по „кавијар скандалот“ во Советот на Европа, по скандалите со корупција во Европскиот парламент, по воената интервенција во Нагорно Карабах – ја направи претседателката маскота на конференцијата (бидејќи едвај имаше друг лидер) за да глуми дека и натаму е респектиран во Европа. Да беше ова една од многу посети на Сиљановска во странство, откако е речиси една година на функцијата, можеше и да помине, но таа е една од многу ретките државнички контакти за кои сѐ уште не е јасно дали се резултат на неподготвеноста за оваа функција, на лошите пораки што од почетокот ги испрати до ЕУ, на самонаметната улога на „сенка“ на премиерот, кој ја диктира надворешната политика или на заробеноста од истиот тим и од истиот ментален склоп на Иванов. Уште повеќе што се проретчија тие што во времето на екс претседателот одеа на форумот и што за оваа посета и нема којзнае каква причина, ако се знае дека министерката за енергетика Сања Божиновска самата напомна дека ние и не сме којзнае колку голем увозник на гас и дека интересот го гледаме повеќе во преносот на гасот низ нашата земја, а и транзицијата кон ова гориво не е воопшто „зелена енергија“.
Од фотографиите и информациите што ги испрати од Баку Сиљановска се виде и дека таа била на Споменикот на победата што го изгради Алиев за да ја слави победата над Ерменија во војната за Нагорно Карабах, а кој како и негирањата од Бугарија кон нас, не им ја призна автономијата на Ерменците во неговата земја, па и ја избриша. За среќа, не отишла и во таканаречениот Парк на трофеите каде што се гледа вистинската политика на Алиев, кој со изложените шлемови на мртвите Ерменци и нацртаните умрени војници на кои може да пукаат деца, беше предмет на многу осуди надвор од земјата и на масовно згрозување.
Она што е интересно притоа е дека во Баку Сиљаноска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, иако Тирана ни е на дофат, но очигледно немало иницијатива да се оствари тука и ја искористи сега за да покаже дека имало зошто да биде на конференцијата. Дека нејзиното присуство сепак не беше инцидент туку континуитет на една политика, се виде и од изјавите што ги даде на конференцијата и по средбите, а пред сѐ со најавата дека сака да потпише Декларација за стратешко партнерство со Азербејџан и со него да градиме односи пошироко, а не само околу енергијата. По средбата со Орбан на Самитот за климатски промени во ноември во Баку (најважниот стратешки партнер на нашата држава во моментов), изборот е сосема логичен, и покрај уверувањата на Сиљановска на конференцијата дека „ЕУ останува наша стратешка цел“, а ниту еднаш откако е претседател не отпатува на средба во Брисел. Нешто во стилот на славната реченица за демократијата на Иванов дека „нашата демократија е како космодиск – на некого шашаво му изгледа, но Македонија функционира“.
Политиката на Сиљановска, видена од Баку, всушност изгледа токму така, шашаво. Фрлаш дрвја и камена по ЕУ, зашто ни е стратешка цел и сакаме да влеземе таму, а одиш, полагаш венци, делиш комплименти, величаш и фалиш лидер кој единствено по што е познат е по корумпирањето странски политичари. Останатаото од Азербејџан покажа дека Сиљановска си остана тоа што беше – професорка која држи предавања, овој пат за светската политика, место да води надворешна политика што се заснова на вистинските интереси на Македонија. Откако се изгоре со средбата со бугарскиот претседател Румен Радев, откако мораше да кажува Северна Македонија наспроти сите уверувања дека нема да го прави тоа, откако ја обвини еврокомесарката Марта Кос за „бирократско мешање во внатрешните работи на нашата држава“ и ја одврати од било какви напори да ни помага, откако му порача на Брисел на почетокот на мандатот дека „ е време за храбар исчекор на ЕУ во 2024 година“ (во смисла тие да ги сменат условите во Преговарачката рамка, а ние да се караме со Бугарија) – очигледно Баку е побезбедна средина за претседател што нема личен идентитет во политиката, иако тоа се очекуваше во некоја мерка од неа.
Видливо е дека, откако е избрана, престанаа фалбите за тоа колку е способна и достојна за претседателската функција од тие што ѝ помогнаа да дојде до неа, а премиерот ниту ја консултира, ниту ја споменува. Иако можеби е доцна, Сиљановска треба да го примени тоа што му го порача на Брисел, т.е. да направи храбар исчекор од тоа што е сега нејзина надворешна и внатрешна политика, ако сака да остави печат, а не да биде копија на Иванов. Кој, пак, држеше силни говори, се бореше со светски неправди, а реално бркаше ветерници и ништо не постигна околу стратегиските цели на Македонија, односно целата политика му заврши како празен популизам.
Чекањето ЕУ да се смени, додека во исто време праќаме пораки дека ни се поприфатливи други партнери, дека се восхитуваме на седењето на две столчиња на Александар Вучиќ, дека Унгарија ни е земја модел за Европа, а Азербејџан земја модел за углед, дека ги сакаме САД само кога ѝ се закануваат на Европа, вклучувајќи и со распаѓањето на НАТО – е и повеќе од празен популизам, бидејќи е губење компас.
Бегство од политичката реалност е да расправаш како да се реформира светскиот поредок кога не успеваш ни да ги реформираш демократски (а не вака партизирачки) институциите дома и да бидеш на опашката на сите европски процеси, вклучувајќи ги и тие околу стандардот. Односно да бистриш висока политика на пензионерски светски форуми, а да не правиш ништо да го решиш проблемот, туку бараш изговори. Како што беше и овој дел од обраќањето на Сиљановска во Баку:
„Како олицетворение на мултилатерализмот, Европската унија има обврска непристрасно и конзистентно да го брани мултилатерализмот. Но, европскиот пат на мојата држава е поплочен со двојни стандарди, со нови барања и услови коишто не им биле поставени на други држави. Неодамна, на еден од панелите на Минхенската безбедносна конференција, македонскиот премиер постави реторичко прашање: зошто, кога Русија го негираше украинскиот идентитет и јазик, цела Европа стана во одбрана на Украина, а кога една земја членка на Европската унија го негираше македонскиот идентитет и македонскиот јазик сите молчат. Одговорот на модераторот на панелот беше: ‘Затоа што вие не сте нападнати’. За волја на вистината, не молчат, туку бараат да ги прифаќаме неправедните услови и да преговараме за нашиот национален идентитет, за нашиот јазик, нашата култура, историја, па и за нашиот уставен поредок“, рече Сиљановска во Баку.
Ако ги отвори социјалните мрежи и ги прочита постовите на ботовите на власта кои се целосно против ЕУ, за Трамп и против Украина (на која и се спори идентитетот, исто така), ќе сфати зошто ни го спорат и нам и зошто никој не мрда со прст во Брисел да ги почнеме преговорите. Посетата на Азербејџан веројатно ќе се сфати како прагматична и нема да наштети, ма нема ни да помогне за тоа. Но, е коцка во мозаикот на надворешната политика што ја гради оваа владејачка структура и која нѐ води кон вакви автократски и коруптивни дестинации.