Сиљановска не сака да ги коментира заканите на Мицотакис, бара да биде „скандинавец“

Преспанскиот договор е дел од преговарачката рамка, но не мислам дека тоа е во духот на развивањето на пријателските односи, вели Сиљановска


 

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова одбива да ги коментира секојдневните закани од грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за можно вето за европските интеграции на земјава поради, како што вели тој, непочитување на Преспанскиот договор од нејзина страна.

„Јас не коментирам пораки на господинот Мицотакис. Преспанскиот договор има механизми, почнувајќи од укажување, па до обраќање до генералниот секретар на Обединетите нации. Постои и можност за покренување постапка пред Меѓународниот суд на правдата, чија пресуда соседот Грција не ја почитуваше“, изјави Сиљановска-Давкова во одговор на новинарско прашање пред почетокот на панел дискусија за Европската унија. 

Тоа, како што кажа, е механизам што постои и што е загарантиран во процесот на одлучување на секоја членка на Европската унија.

„Јас не можам да го спречам во тоа. Преспанскиот договор е дел од преговарачката рамка, но не мислам дека тоа е во духот на развивањето на пријателските односи. Мислам дека и во традиционалната дипломатија можеби е добро да фрлиме поглед врз културната дипломатија, каде на поинаков начин ги решаваат проблемите. Сметам дека и ние со соседите би можеле во пријателски дух да се обидеме на поинаков начин да се однесуваме и по малку да бидеме скандинавци“, порача Сиљановска Давкова.

Претходно во говорот таа порача дека Европската унија е единство на различности, а ние како мала земја заслужуваме да бидеме почитувани како и сите останати, што подразбира дека и за нас треба да важат истите критериуми за влез во Унијата, како и за другите. Таа нагласи дека нејзиното барање за гаранции од италијанскиот претседател Серџо Матарела за нашиот пат во Европската унија, дадено за време на посетата на Ватикан, не било пренесено како што треба. 

„Кога зборував за гаранции со господинот Мацарела мислев на оние кои посегаат по вето. Мислев, пред сѐ дека, ако ние не знам колку пати сме го менувале Уставот и повторно сме се соочувале со нова промена, крајно време е да знаеме дека ова што се случува од страна на Бугарија е барање со коешто може да се остави простор за вето врзано за Копенхашките критериуми, меѓутоа не и за прашања што се врзани за идентитет, за историја“, појасни Сиљановска.

И во договорот за Европската унија и во Лисабонскиот договор и во Повелбата за фундаментални права, додаде таа, јасно е посочено дека ЕУ е единство на различности и дека ги прифаќа идентитетот, интегритетот и особено културниот и националниот идентитет како нешто за што не се разговара.

„Но, ние во поглед на многу прашања и во поглед на многу критериуми сме биле дискриминирани. Крајно време е да се стави крај на тоа. Македонија е мала држава, но мислам дека заслужува да биде почитувана како сите останати“, порача Сиљановска. Токму, како што рече, италијанскиот претседател рекол дека Европската унија ги знае правилата, дека е еднаква за сите и дека треба да се почитуваат и од оние внатре и од оние надвор.

Прашана за коментар за обвинувањата на Европскиот фронт за мајоризација над малцинството, рече дека тоа апсолутно не држи.

„Тоа обвинување не држи. Не разбирам што значи тоа мајоризација над малцинството. Нема такво нешто. На изборите има еден победник. Секогаш нашите влади од првата во 90-тите години од минатиот век, па до денеска биле мултиетнички затоа не можам да забележам мајоризација“, истакна таа.

Според неа, изборот на владата се прави според идеолошката определба, според програмските определби и според наоѓањето со кого би постигнале најдобри реформски резултати.

„Логично е некогаш да бидете власт, а некогаш да бидете опозиција. Опасно е да бидете секогаш власт. Власта оптоварува, а апсолутната власт – апсолутно, и затоа време е за промени“, потенцира Сиљановска-Давкова. (Н.В.)