Сиљановска не може да направи разлика за какви избори се работи


Фото: Б. Грданоски

 

На претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ѝ е тешко да направи разлика за какви избори се работи додека тече кампањата. Таа очекува локалните избори да поминат во мирна атмосфера која ќе им овозможи на граѓаните да се определат како што сакаат. 

„Јас се обидувам од страна  да ги гледам работите бидејќи сум претседателка на сите граѓани и не сакам да имам политичко влијание. Прво, во прашање се локални избори. Локалните избори треба да водат кон избор на вистински личности спремни да ги решаваат локалните проблеми. Многу тешко ми е искрено да направам разлика за какви избори навистина се работи. Второ, не сакам да поверувам дека Државната изборна комисија со целиот систем после 30 години нема капацитет да спроведе фер и демокатски избори или добро да ги спроведе изборите“, рече денеска Сиљановска-Давкова.

Таа мисли дека лидерите на партиите имаат просветителска мисија и оти не може се очекува од граѓаните да го контролираат својот говор на социјалните мрежи ако се инспирирани од оние кои треба да бидат носители на дијалог.

Таа наведе дека во кампањата слушнала и невидени тврдења, издвојувајќи го како пример ветувањето од еден кандидат дека ќе прогласи вондредна состојба и оти за тоа немало реакција.

„Како може градоначалник да прогласи вонредна состојба? Вонредна состојба прогласува Собранието, а ако не може да се состане тогаш претседателот на државата. Ваков феудален говор мора да се ограничи или барем да се предупредат бидејќи полно луѓе мислат дека тоа било најхраброто нешто што го чуле“, изјави претседателката Сиљановска-Давкова.