Сиљановска му го даде мандатот на Мицкоски, тој најави „историски и епохални“ инвестиции
Мандатарот најави дека од денес почнуваат внатрешните партиски консултации за местата во владата. Прво сака да обезбеди двотретинско мнозинство
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска му го додели мандатот за формирање влада на, како што рече, „лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, господинот професор доктор Христијан Мицкоски, чија партија на парламентарните избори што се одржаа на 8 мај освои 58 мандати“. Сиљановска, повикувајќи се на уставните рокови и фактот дека претседателот на Собранието Африм Гаши беше избран со 76 гласови, изрази уверување дека Мицкоски може да формира влада и затоа му го доверува мандатот.
Со тоа почна да тече рокот од 20 дена во кој треба да биде формирана владата, нешто за што Мицкоски очекува да се случи пред крајниот термин, нагласувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ може и утре да го соопшти новиот состав, но сака прво да обезбеди двотретинско мнозинство.
Во обраќањето по врачувањето на мандатот тој се заблагодари пред сѐ на граѓаните кои го избраа да ја формира владата, но и на тие што не гласале за него потенцирајќи дека слободата на избор е неприкосновено право.
Соопштувајќи ги целите на идната влада, тој посочи дека намерата е да нема граѓани од прв и од втор ред, да се придвижат пред сѐ реформите во економијата, да има нов инвестициски циклус и да се подобри стандардот на граѓаните. Притоа, ги спомена здравството, обезбедувањето учебници за учениците во септември (за што рече дека ќе биде тежок процес, бидејќи сегашниот министер правел опструкции), како и нивелирањето на пензиите кое ќе почне исто така од септември. За тогаш тој најави дека ќе биде објавен и јавен повик до општините да аплицираат за проекти за кои владата ќе издвои 250 милиони евра, од милијардата за која и овојпат не сакаше да каже од каде ќе дојде, покрај „исторските и епохални“ инвестиции што се најавуваат уште од кампањата, од кои една треба да биде најголема во регионот.
Надвор од тие најави, што звучат премногу добро за да изгледаат реално така како што се пласираат, тој ги повтори и познатите намери за распушање на Судскиот совет и Советот на обвинители заради поефикасно расчистување со корупцијата и криминалот и повикување на дипломати на „сериозен разговор“, што звучат како најави за упад во независноста на судството и враќање на актуелни амбасадори за да се пратат свои кадри. Сето тоа Мицкоски го оправда со речиси половина милион добиени гласови за програмата на ВМРО-ДПМНЕ на изборите, што според него значи дека мора да ја спроведе. Притоа, место корумпирани ги нарече членовите на овие тела партизирани, иако најголите проблеми таму доаѓаат од членовите избрани од парламентот.
„ За да објавиме жесток фронт против криминалот и корупцијата треба главните столбови, обвинителството и судството, да бидат ослободени од партизираните малкумина обвинители и судии. Тоа ќе се направи со распуштање двете институции – Советот на јавните обвинители и Судскиот совет, но за тоа да се случи, мора да има измена на соодветните закони, а за тоа е потребно двотретинско мнозинство во Парламентот“, кажа Мицкоски.
Поконкретно, тој најави дека од денес почнуваат внатрешните партиски консултации за местата во владата, но не ги потврди пишувањата дека ДУИ се нудел да влезе во власта ако добие четири министерски места, бидејќи, како што рече, не сака овие преговори со „Вреди“ и со ЗНАМ да се гледаат во бројки, туку да значат и додадена вредност.
Тој беше убеден дека неговата влада ќе ја смени реалноста и ќе ја трансформираме Македонија во успешна европска приказна, држава која што ќе биде татковина на сите граѓани без разлика на нивната етничка припадност, политичка припадност или не рипадност, место кое што ќе биде мотив и инспирација за оние кои што го напуштиле да се вратат назад.
Фото: Б. Грданоски