Сиљановска има план: Градење добрососедски односи


 

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вели дека не е без план во влошените односи со Грција по инцидентот при заклетвата. Таа преку разговори ќе ги убедува Грците, дека е во право кога го користи името Македонија, наместо новото уставно име на државата Република Северна Македонија.

Каков е нејзиниот план?

„Се разбира дека имам план. Планот е градење на добрососедски односи. Планот е нудење почит и барање почит. И мислам дека како што во политиката треба да се трага по уметноста на можното ќе го направиме набрзо. Мојата прва изјава беше дека нема да одам по светот, дека сакам да се сретнам со соседите и мислам дека ќе го остварам тоа. Се разбира за разговор се потребни сите околу вас и ние немаме друг избор освен да разговараме. Дијалогот е здрава работа и ако нема взаемна почит нема да има резултат. Политиката бара дијалог и јас сум спремна да трагам по тоа и взамено да ги надминеме проблемите“ рече Сиљановска во Охрид каде што се обрати на европски конгрес на Меѓународната федерација за физичко образование и спорт.

Таа не верува дека случајот со нејзината неупотреба на уставното име ќе отиде пред меѓународниот суд во Хаг поради Преспанскиот договор.

„Истиот тој меѓународен суд, каде ние бевме со Грција, пресуди во однос на членот 11 од Привремената спогодба. Тоа е исто меѓународен договор. Не верувам дека веднаш ќе се оди на суд. Има градација во Преспанскиот договор. Прво се укажува, се разговара, се адресира прашањето до ОН и потоа се оди на суд. Пресудите на судот треба да важат ерга омнес, но тоа се случи во нашиот случај“, вели Давкова.

Таа нагласи дека ќе „го почитувам Преспанскиот договор, го почитувам меѓународното право за разлика од други. Зборувам за лична определба, тоа е право кое е загарантирано со повисоки акти од билатералните договори“.