Силјановска за Ковачевски рече Tabula rasa


 

Гордана Силјановска-Давкова вечерва ги засили нападите врз политичкиот ривал Стево Пендаровски, велејќи дека не можела да се сети на него кога студирал право, а ги памети најдобрите. Но и кон лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски. На митингот во скопската општина Центар таа го цитираше Платон и неговата мисла дека со политиката треба да се занимавааат филозофите, најумните.

„Замислете, јас сум немала план, а тој имал план? Па, еве го канам, ќе почнеме сега серија на дебати околу програмата за областите што се најважни, нека се приклучи Стево Пендаровски, па нека даде свој интелектуален придонес во тоа. Никогаш не говорам за студентите, ама најдобрите никогаш не ги заборавам и за нив секогаш кажувам сè. Не го помнам Стево Пендаровски како студент, но знам дека магистрирал и докторирал откога ги усовршил своите аналитички способности во Министерството за внатрешни работи“, рече Силјановска.

Таа спомена дека го запознала Пендаровски во времето на претседателот Борис Трајковски кога „кружеше околу нас“.

„Го запознав на една врвна дебата, организирана од поранешниот претседател Борис Трајковски, наречен ‘Дијалог на цивилизациите’, каде што учествуваа врвни интелектуалци од земјата и од светот. Знам дека околу нас кружеше еден човек и се сетив подоцна дека тоа беше Пендаровски, веројатно беше дел од организацијата на настанот“, рече Силјановска.

Па, дополително да го омаловажи го покани Пендаровски да учествува дебатите што ќе ги организира за нејзината програма. „Ќе почнеме сега серија на дебати околу програмата за областите што се најважни, нека се приклучи Стево Пендаровски, па нека даде свој интелектуален придонес во тоа“, рече Силјановска-Давкова.

Потоа се префрли на Ковачевски.

„Да не зборувам за оној другион. Мојот професор, Ѓорѓи Марјановиќ, велеше дека никој како кумановци не умеат преку скратеното име да ја изразат личноста. Не го кажувам неговиот прекар, меѓутоа знам дека неслучајно е во женски род. Многу е мизерно да ве среќава во Собранието и да ви вели дека вие сте нешто најдоброто во Собранието, па да вели дека за најдобра дебата ја смета онаа со мене за нобеловецот Кругман, за економија, моите тези за опасноста од рефеудализација во светот. И потоа да вели дека мене, замислете мене, ме шетал претседателот на ВМРО-ДПМНЕ како тетка. Така зборува не Заратруста, туку бившиот премиер. Ама, ако се обидете да прочитате нешто за него, како и за првиов, некој труд, некое членство во меѓународна организација, нема да најдете ништо. Tabula rasa!

Затоа вели умниот Платон дека со политика треба да се бават филозофите, најумните, што имаат зад себе, што не се поплавени со хормони, што сакаат нешто да остават за заедницата“.

Во стилот на Христијан Мицкоски кој за Ковачевски рече дека по тв-дуелот не знаел од каде да излезе, таа за Пендаровски сборуваше дека по минатата дебата пред пет години „вратата не знаеше да ја најде“.