Сиљановска-Давкова: Балансерот водеше кон корупција, затоа го укинавме
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оцени дека укинувањето на балансерот не било политичка желба, туку неопходен чекор поради коруптивните ризици што, според неа, ги создавала досегашната пракса.
По отворањето на „Генералка викенд“, Сиљановска-Давкова изјави дека не станува збор за „уривање“, туку за систем кој, како што рече, во суштина водел кон корупција и криминализација.
„Не мислам дека воопшто станува збор за уривање, бидејќи балансерот, таков каков што беше, суштински водеше кон корупција и криминализација. Назначувањето на највисоките позиции беше лоцирано во рацете на поединци и тие стекнуваа енормна, речиси султанска моќ. Не го укинавме балансерот затоа што така сакавме, туку затоа што тоа беше наведено во извештајот“, рече Сиљановска-Давкова.
Одговарајќи на прашањето за нерезидентното државјанство, претседателката нагласи дека станува збор за комплексна тема за која решенијата треба да се бараат низ аргументирана расправа.
„Прашањето е комплексно. Има држави во кои постои двојно државјанство, има држави во кои не постои. Денес сите се соочуваме со егзодус и со недостиг од работна сила и зборуваме за човечки суштества кои, исто така, имаат право на живот“, рече таа.
Сиљановска-Давкова додаде дека евентуалните решенија треба да се носат по широка јавна дебата, со внимателно мерење на аргументите „за“ и „против“.
Во однос на релациите со новата влада во Бугарија, претседателката порача дека очекувањата треба да се адресираат до новата бугарска влада и до премиерот Румен Радев. Таа посочи дека бугарскиот народ очекува стабилност, реформи и борба против корупцијата и криминалот.