Си Ен Ен: Разузнавачите мораат да поднесат извештај до Конгресот на САД за НЛО


Американскиот претседател Доналд Трамп кон крајот на минатиот месец го потпиша Законот за економска помош поради пандемијата на Ковид-19 и финансирање владини агенции, вреден 2,3 билиони долари, оттогаш почна да тече рокот на американските разузнавачки служби да го информираат Конгресот какви сознанија имаат за неидентификуваните летечки објекти (НЛО).

Директорот на Националната разузнавачка служба и министерот за одбрана сега имаат помалку од шест месеци да им дадат на разузнавачите на Конгресот и воените служби некласифициран извештај за „неидентификуваните воздушни феномени“, објави Си Ен Ен.

Станува збор за одредба која е вметната во делот „коментар на одборот“ од Законот за одобрување на разузнавачки податоци за фискалната 2021 година.

Во извештајот мора да постои детална анализа на податоци за НЛО и информации собрани од голем број разузнавачки агенции, вклучувајќи го и ФБИ, според директивата на разузнавачкиот одбор на Сенатот.

На крај, извештајот треба да ги идентификува потенцијалните безбедносни закани од НЛО и да процени дали можеби некоја непријателска земја е вмешана во таквите активности, наведува разузнавачкиот одбор на Сенатот.