Штрајк на вработените во Институтот за хемија – нема подмладок


Во вторник, пред зградата на Институтот за хемија вработените и студентите на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет, во пауза помеѓу предавањата, заедно ќе излезат за јавно да го изразат своето незадоволство од условите за работа и студирање, кои, според нив, во последниве десетина години стануваат сè полоши и го доведуваат во прашање нормалното реализирање на високообразовната и научноистражувачката дејност на Институтот.

Институтот за хемија се гордее со своето реноме на врвна високообразовна и научноистражувачка институција што е потврдено со сите параметри за оценка на овие достигнувања, но тоа веќе е неодржливо заради немање неопходни човечки и материјални услови за реализација на наставата и на научните истражувања.

Токму затоа на протестот ќе биде упатен апел да бидат итно одобрени барањата за вработување на млади соработници од надлежните министерства за ублажување на катастрофалната состојба со подмладок на Институтот за хемија за да може да се реализира практичната настава; во буџетот за следната година да бидат предвидени средства за реновирање и опремување на студентските лаборатории, како и средства за реновирање на зградата на Институтот постапно во следните неколку години; во буџетот да се предвидат средства за финансирање на научноистражувачки проекти во кои, покрај средства за работа во лабораторија, ќе биде вклучена и поддршка за млади истражувачи (школарина и стипендија за магистранти и докторанти).

Протестот ќе трае половина час, по што ќе продолжи редовната настава. Вработените и студентите на Институтот за хемија ќе продолжат, како и досега, вредно да работат на своето усовршување, но и понатаму ќе инсистираат на обезбедување на најдобри услови за тоа.

„Нашата цел е студирањето хемија и научните истражувања кај нас да бидат на ниво споредливо со светските универзитети, а квалитетното образование и наука да бидат врвен приоритет на државата без оглед на моменталната политичка состојба и гарнитура на власт“, се вели во соопштението.