Што стои во заклучоците на НАТО за Западен Балкан?


Лидерите на земјите членки на НАТО го објавија завршниот документ во кој стојат обврските што ги презема алијансата главно околу агресијата на Русија врз Украина и околу зајакнувањето на капацитетите на одбрана на нејзините членки. Меѓу нив стои и оценката дека некои земји ќе мора да го зголемат буџетот за одбрана  над 2 отсто за да ја зголемат борбената моќ на армијата. 

Во заклучоците има посебен дел и за Западен Балкан,  како особено значаен регион за НАТО, веројатно поради фактот дека дел од земјите во него не се членки на алијансата, а ја загрозуваат безбедноста на Европа.Во заклучокот се споменуваат  добрососедските односи како нешто што е од витално значење за евроатлантската интеграција, но нема заклучок или референца на проблемот што го има Грција со Македонија околу непочитувањето на Договорот од Преспа, иако грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис најави дека ќе го отвори тоа прашање. Во заклучоците стои:

„Западен Балкан и Црноморскиoт регион се од стратешко значење за Алијансата. Остануваме силно посветени на нивната безбедност и стабилност. Ќе продолжиме да го унапредуваме нашиот политички дијалог и практична соработка со Западен Балкан со цел да ги поддржиме реформите, регионалниот мир и безбедност и да се спротивставиме на малигните влијанија, вклучително и дезинформациите, хибридните и сајбер заканите, поставени и од државните и од недржавните актери.

Демократските вредности, владеењето на правото, домашните реформи и добрососедските односи се од витално значење за регионалната соработка и евроатлантската интеграција и ние гледаме на континуиран напредок во овој поглед…. Остануваме посветени на континуираниот ангажман на НАТО на Западен Балкан, вклучително и преку Косовските сили предводени од НАТО (КФОР). НАТО ги поддржува евроатлантските аспирации на заинтересираните земји во овој регион“.