Што спречува ВМРО-ДПМНЕ: бугаризација или европеизација

Главната цел на ВМРО-ДПМНЕ не е спречување на некаква „бугаризација“, туку политичка одмазда и пресметка со „предавниците“ на македонскиот народ


Ако во принцип Христијан Мицковски и ВМРО-ДПМНЕ не го сметаат за штетно внесувањето на Бугарите во Уставот, туку се загрижени за можни други отстапки од страна на оваа власт и коалиција, тогаш логично се поставува прашањето зошто промената на Уставот, која би довела и до откoчување на преговарачкиот процес со ЕУ и до нови избори, и можеби до власт на чело со лидерот на опозицијата, не е за нив поприфатливо решение од блокирањето на преговорите и чекање на редовни избори уште цела година по кои без коалицисни партнери и без меѓународна подршка никој не им гарантира дека ќе можат да формираат влада.

Ако целта е да се спречи „предавничката власт“ на нови отстапки кон Бугарија тогаш политичката логика налага со прифаќање на промената на Уставот, ВМРО да дојде до брзи избори, да обезбеди коалициски партнери за можно формирање влада во најкус можен рок, да си обезбеди меѓународна подршка (наместо тортура) и од позиција на власт со внесени Бугари во Уставот и со откочени разговори за членство во ЕУ да не дозволи натамошни уцени и попуштање во преговарачкиот процес.

Ако, пак, целта не е измислената опасност од „бугаризација“, туку спречувањето на европеизација, ова нивно однесување изгледа логично.

Гласањето за промена Уставот од страна на ВМРО-ДПМНЕ сега по долгото противење, веројатно го плаши Мицковски дека може да разочара дел од нивните тврдокорни  гласачи и со тој чин да добијат помалку гласови од што очекуваат. Тоа е така кога долго време градиш имиџ на „непоколеблив и бескомпромисен борец“ за националната кауза. Но, реално гледано, штетата од тоа за ВМРО-ДПМНЕ ќе биде помала од користа со отпочнувањето на преговорите и добивањето брзи избори.

Изборите во 2016 година покажаа дека ВМРО-ДПМНЕ како десничарска партија има стабилно бирачко тело, создавано со клиентилизам и десничарска пропаганда во изминатите 30 години, кое не го поколебаа ниту бомбите на Заев ниту обвиненијата од Специјалното јавно обвинителство пак да гласа за својата партија. Дел од гласачите на ВМРО-ДПМНЕ не излегоа на избори само на локалните избори во 2017 година кои беа одржани по грозните сцени од насилствата во Собранието организирани од партијата на 27 април таа година, кои беа со цел да се спречи промената на власта.

ВМРО-ДПМНЕ си го врати тоа гласачко тело на изборите во 2020 година кои ги изгуби со тесна разлика и пак не можеше да формира влада, и особено на локалните избори во 2021 година, кога освои најголем број градоначалнички и советнички места дури и со кандидати како Данела Арсовска во Скопје.

Проблем за ВМРО-ДПМНЕ, но и за Македонија, денес е што отровната пропаганда против промената на Уставот одново ја водат главните перјаници на тнр.  „уставобранители“, од кои дел беа амнестирани со цел да се оди напред и да се постигне политичко помирување.

Нивната главна цел не е спречување на некаква „бугаризација“, туку политичка одмазда и пресметка со „предавниците“ на македонскиот народ, кој „само тие го бранат и заштитуваат“. Тоа е таа политика на поделби на ние-народот и тие-изродите на народот, ние-патриотите и тие-предавниците, ние-чесните и тие-корумпираните, ние „големите Македонци“ и тие одродените.

И затоа тие се најгласни во „политиката на отпорот“ во тоа дека на ВМРО-ДПМНЕ, како „најчесна“ и „најпатриотска“ партија не ѝ се потребни ниту коалициски партнери од редот на етничките партии на Албанците, ниту ѝ треба подршка од САД и од ЕУ, а веројатно и не ѝ требаат ниту преговори за членство со ЕУ. И некои тоа го препознаваат затоа што звучи познато и веќе беше видено.

Најперфидно во таа „пропаганда на отпорот“ доаѓа од страна на некои почитувани  новинари и политичари кои прават сѐ да се релативизира важноста од промената на Уставот сега.

Нивната теза е дека „европеизацијата не значи само промена на Уставот“, како некој да го тврди спротивното. Поважни биле суштинските реформи и борбата против корупцијата од промената на Уставот, која како веќе да не е воопшто важна. Поважно било да се реформираме ние одвнатре, отколку формално да сме почнеле преговори за членство, како некој да го тврди спротивното. И на крајот прашуваат: Зошто ние да брзаме со промените на Уставот кога на ЕУ не ѝ се брза за проширување, па ова ќе биде само уште една „залудна жртва“ од наша страна. А можна е – велат некои од нив – изнудување на подобра преговарачка рамка со ЕУ во иднина, откако таа ќе сфати дека внела во рамката неприфатливи критериумот за нас и за која било идна членка. И не прашуваат кој ги спречува и по промената на Уставот да се борат за нова преговарачка рамка.

Оваа релативизација со флоскула „за членство во ЕУ не е најважна промената на Уставот сега“ веројатно му годи на Мицкоски и на неговите подржувачи кои сега „политиката на отпор против бугарскиот и европскиот диктат“ ја дополнуваат со „поголема важност и итност на борбата против криминалот и корупцијата“.

Избори и промена на власта биле поважни од промената на Уставот и од деблокирање на разговорите за членство затоа што само со избори и промена на власта тие ќе можеле успешно да се справат со криминалот и корупцијата.

Прашањето е само со кој кредибилитет тоа Мицковски и функционерите од владата на Груевски тоа го зборуваат.

Такви изјави даваат од седиштето на белата палата, во која им е седиштето на партијата и која е симбол на корупцијата и која беше изградена со коруптивни осум милиони евра на местото на некогашната „жолта куќа“.

Сѐ уште се свежи сеќавањата на огромниот грабеж направен преку проектот „Скопје 2014“. Главниот криминалец Никола Груевски им побегна во Будимпешта и е под санкции на САД. „Моќникот“ Антонио Милошоски им ја води надворешната политика, а Мицкоски е далеку од тоа да се претстави како „нов тип на политичар“ кој ќе демонстрира чесност и праведност. Кој уште им верува дека тие ќе обезбедат чесност во водењето на политиката, неказнивост, правда и пристап до правдата за секого.

Реално гледано, на СДСМ и ДУИ во вакви услови им одговара да останат на власт до септември идната година и да го остават Мицкоски до следните избори без коалициски партнери и без меѓународна подршка. Во такви услови тие пак би можеле да формираат влада. Една година во политиката не е малку и  можат да се сменат многу нешта.

Но наспроти овој егоистичен интерес, тие со сите понуди што му ги даваат на Мицкоски само му помагаат да го излечат од дупката во која ја има пикнато партијата. И тие се свесни дека со уставните промени сега нема преку ноќ да потече мед и млеко во Македонија, ниту дека имаме гаранција за членство во 2030 година, но тие прават сѐ и на своја штета за да ја одржат надежта на овој народ да се мрдне малку барем тркалото напред, па и да создадат можност преку нови избори да се формира влада која можеби  со поголем успех од досегашните ќе гради конзенсус по важните прашања и ќе биде поуспешна во борбата против корупцијата.

Тие, за разлика од Мицкоски, сметаат дека за внатрешни промени треба да се искористат и поволните меѓународни околности, кои сега постојат и кои веќе следната година може да бидат прилично изменети.

Без промена на Уставот оваа година, Македонија нема да може да ги продолжи разговорите за членство по поглавјата. Нема да може да смета на поголеми фондови од ЕУ за подршка на реформите и реално ќе ѝ биде нанесена голема штета.

Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ со гласање за уставните промени, со предвремени избори, добивањето меѓународна подршка за партијата и стекнувањето коалициски партнери за формирање влада по изборите, реално можат поуспешно да ја спречуваат заканата од некаква „бугаризација“. Но прашање е дали е тоа целта или само изговор да не дојде до европеизација.

(Ѓорѓи Спасов е универзитетски професор и поранешен амбасадор)