Што понатаму по пакетот за проширување?
Севкупно, и покрај сите недостатоци посочени за сега 10-те земји кандидати за членство во ЕУ, ова можеби беше најпозитивниот пакет по подолго време
Брисел– По објавувањето на Извештајот за проширувањето на Европската комисија, топката сега е во полетот на лидерите на ЕУ, кои треба да одлучат како да продолжат со процесот на зачленување и со нивната реформска домашна задача.
Со историски потег, Европската комисија во средата препорача отворање на пристапните преговори со Украина, без оглед на тековната војна на Русија против земјата, како и со Молдавија.
Западниот Балкан го доби Планот за раст на регионот, додека Босна доби морков закачен пред ние во форма на заматена фраза за потенцијалната идна далечна шанса за отворање на пристапните преговори.
Севкупно, и покрај сите недостатоци посочени за сега 10-те земји кандидати за членство во ЕУ, ова можеби беше најпозитивниот пакет по подолго време.
Следниот чекор ќе биде лидерите на ЕУ да размислат и (многу веројатно) да ја поддржат препораката на Комисијата за Украина, Молдавија и Грузија, кога ќе се сретнат на Самитот на 14 и 15 декември.
Тоа ќе биде жесток самит, се согласуваат претставниците на ЕУ и дипломатите.
Клучното прашање ќе бидат одлуките за пристапните преговори, но центарот на вниманието речиси сигурно ќе го одвлече тешката битка околу предложената ревизија на Буџетот на ЕУ, која вклучува 50 милијарди евра нова помош за Киев.
Заканата на Унгарија и Словачка дека потенцијално би можеле да се здружат за да ги протуркаат своите приоритети, ветува долги дискусии кои би можеле да се прелеваат помеѓу двете теми, најверојатно со обиди на Будимпешта и Братислава да изнудат некој вид „пакет договор“.
Искусните набљудувачи на самитите на ЕУ дури посочуваат дека е можно разговорите да продолжат и за време на викендот, со цел да се постигнат договори за низата теми на агендата.
За проширувањето, Еурактив дознава дека доколку има политички договор и зелено светло во декември, техничката подготвителна работа за преговарачките рамки би можела да започне веднаш и Комисијата ќе ги испрати своите преговарачки тимови во Киев и Кишињев.
Напредокот во спроведувањето на вонредните препораки и за Украина и за Молдавија потоа ќе им биде пренесен на лидерите на ЕУ во март 2024 година, потврдија претставници на ЕУ оваа недела.
Со скрининг процесот, во меѓувреме, ЕУ ќе процени кои закони треба да се усогласат со актуелното законодавство на блокот, постапка кој вообичаено трае меѓу една и две години. – Но, ние сакаме да одиме брзо и мислиме дека можеме да го направиме тоа за шест месеци, изјави претставник на ЕУ.
Според некои претставници на ЕУ, запознати со ова прашање, првата Меѓувладина конференција, барем за Украина, би можела да се одржи набрзо по март 2024 година.
Без сомнение, 2030 година како поставен рок до кој ЕУ би можела да прими нови членки во блокот, во голема мера останува неверојатен сон, бидејќи повеќето земји се соочуваат со долг и напорен пат пред нив. Но, сигналот е јасен. Сега останува на ЕУ да се придвижи.
Во текот на следните месеци, земјите на ЕУ ќе треба сериозно да се зафатат со сопствената реформска дебата и според многу од членките на блокот, тоа треба да се случува паралелно за да се одржи жив моментумот на проширувањето.
Работата на ова прашање се очекува да добие на интензитет во текот на следната недела, кога претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел ќе организира серија вечери со лидерите на ЕУ, во различни национални состави, за да се надоврзат на неформалните разговори од Самитот во Гранада во октомври и за да се разговара за стратешката агенда за следниот институционален циклус.
Сепак, многу дипломати на ЕУ очекуваат дека сериозен разговор за самите реформи на блокот ќе се случи само ако декемврискиот самит воспостави јасен статус за земјите кандидати за членство во ЕУ.
И повторно, многу работи ќе зависи од се уште неизвесниот состав на следната институционална структура на ЕУ по изборите во јуни следната година.
Едно е сепак неспорно: во секој случај, за Кремљ се наѕира геополитичка катастрофа.
Пристапувањето на Украина и Молдавија во ЕУ би било загуба за Владимир Путин, исто како и потенцијалното бавно, но постојано губење на контролата на Русија врз некои земји од Западниот Балкан.
Инвазијата на Украина, војна која требаше да спречи какво било идно проширување на ЕУ (и НАТО), всушност го врати процесот во живот. (Еурактив)