Што напиша нобеловецот Јон Фосе за Светскиот ден на театарот


Секој човек е уникатен, неповторлив, посебен, а сепак ист како и секој друг. Нашата
видлива, надворешна појава, е различна од сечија друга. И се разбира, сето тоа е добро и
убаво, но исто така во секој човек има нешто што му припаѓа само и единствено нему – а
тоа е самиот тој. Односно, тоа нешто можеме да го наречеме неговиот дух или неговата
душа. Или може да одлучиме, воопшто да не го именуваме со зборови, да го оставиме тоа
нешто на мира, се вели во светската порака по повод Светски ден на театарот – 27 Март што ја упати норвешкиот писател, драматичар, драматург, и добитник на Нобеловата награда за литература за 2023 – Јон Фосе. 
Но колку и да сме различни едни со други, сепак сме слични. Од било кој дел од светот,
луѓето сме во основа слични едни на други, без разлика на тоа на каков јазик зборуваме
или каква боја на кожа или коса имаме.
Како некој парадокс: потполно исти, а истовремено сосема различни.
Можеби човекот е парадоксален во суштина, со поврзаноста помеѓу телото и душата –
исто умееме да владееме и со најземните, материјални граници на физичкото постоење,
како и со оние кои се надвор од физичката реалност на материјалното ограничување.
Уметноста, добрата уметност успева на свој, чудесен начин, да ги соедини уникатното со
универзалното. Но ни допушта да разбереме каде е разликата, на она што би се рекло –
што е уникатно, а што универзално; и со тоа, уметноста ги пробива јазичните бариери,
географските граници на сите земји, држави; и ги соединува, не само индивидуалните
квалитети на луѓето, туку и индивидуалните особености на сите групи на народи, од сите
нации.
Уметноста не го прави тоа со изедначување на различностите, за да нè направи исти или
еднакви, туку напротив, го прави со покажување на различното во нас, на другото, туѓото.
Секое добро уметничко дело се состои од – токму тоа – од нешто туѓо, нешто необично,
нешто што не можеме да го разбереме целосно, но на некој начин, сепак го разбираме.
Содржи мистерија, би рекол. Содржи нешто што нè воодушевува и што нè тера да ги
надминеме нашите поставени бариери, и со тоа го создава тоа себе надминување, што нè
носи над земните и материјални потреби од физичката реалност, што секое уметничко
дело мора да го содржи во себе и да нè води кон тоа.
Не знам за подобар начин, кој сплотува спротивности. Ова е точно обратниот пристап од
оној на насилните конфликти, што ги гледаме премногу често во светот, што
подлегнуваат на искушенијата за уништување на сè што е друго и посебно, сè што е
различно и најчесто користејќи нај-нехумани изуми, што технологијата ги нуди на
располагање. Постои тероризам во светот. Постојат војни. Затоа што луѓето исто така
имаат и животинска страна, водена од инстинкт кој другото, различното, туѓото го
доживува повеќе како закана за своето постоење, наместо како една фасцинантна
мистерија.
Ете како посебноста и разликите што сите ние можеме да ги воочиме – исчезнуваат,
оставајќи зад себе една колективна изедначена отапеност, каде што секое различно
нешто, претставува закана која треба да се искорени. И сè она што навидум изгледа
различно, како на пример во религиите или политичките идеологии, станува нешто што
треба да се победи и да се уништи.
Војната е борба против сè што е длабоко во нас, против посебното и уникатното. И е
борба против уметноста и против она што е длабоко во неа.
Овде зборував за уметноста во општи рамки, не посебно за театарот или за драмското
пишување, затоа што како што напишав, секое уметничко дело длабоко во себе се врти
околу едно единствено нешто: земајќи ги сосема посебните и комплетно уникатните
нешта, правејќи ги универзални. Соединувајќи ги, посебното со уникатното со помош на
уметничка експресија и не со елиминирање на нивната особеност, туку со потенцирање
на нивната различност, за да може сè што е туѓо и друго и непознато да свети силно и
продорно.
Војната и уметноста се спротивности, исто како што се и војната и мирот – толку
едноставно. Уметноста е мир.

Превод: Здравко Стојмиров – актер; преведувач на драмски текстови

***

 

Јон Фосе е реномиран норвешки писател, роден во 1959 година. Тој е познат по неговата
обемна работа, која вклучува драми, романи, збирки поезија, книги за деца и преводи.
Неговиот стил на пишување се одликува со минимализам и емоционална длабочина, што
го прави еден од најизведуваните драмски писатели во светот. Во 2023 година му беше
доделена Нобеловата награда за литература, за неговите иновативни драми и проза, што
му даваат глас на неискажливото.
Делата на Фосе се преведени на повеќе од педесет јазици, со продукции поставени на
илјадници сцени во светот. Неговите минималистички и интроспективни драми, кои се
често на граница со лиска проза и поезија, ја продолжуваат драмската традиција
воспоставена од Хенрик Ибзен во деветнаесеттиот век. Неговата работа е поврзана со
пост-драмскиот театар, а неговите истакнати романи се опишани како
постмодернистички и авангардни поради нивниот минимализам, лиричност и
неконвенционалната употреба на синтакса.
Фосе се стекнал со меѓународно признание како драмски писател за неговата драма
„Nokon kjem til å komme“ (1996; „Некој ќе дојде“, 2002), позната по радикалната
редукција на јазикот и моќната експресија на човечките емоции. Инспириран од артисти
како Самуел Бекет и Томас Бернард, Фосе ги комбинира битовите елементи со
модернистичките техники. Неговата работа ги прикажува несигурностите и ранливоста на
човечките искуства, без нихилистички презир.
Во неговите драми, Фосе често остава нецелосни зборови или дејствија, создавајќи
чувство на нерешена тензија. Теми на несигурност и немир се истражуваат во драмите
како „Natta syng sine songar“(1998; „Ноќни песни“, 2002) и „Dødsvariasjonar“ (2002:
„Варијации на смрт“ 2004). Храброста на Фосе за истражување на анксиозноста во
секојдневниот живот, допринесе за неговата распространета препознатливост.
Романите на Фосе, како на пример: „Morgon og kveld“ (2000; „Утро и вечер“ 2015) и „Det
er Ales“ (2004; „Алис крај огнот“ 2010), го прикажуваат неговиот уникатен јазик,
карактеризиран со паузи, прекини, негации и длабоки значајни запрашувања. Трилогијата
„Trilogien“ („Трилогијата“ 2016) и септологијата „Det andre namnet“ (2019; „Другото име“,
2020) уште повеќе го демонстрираат неговото истражување за љубовта, насилството,
смртта и помирувањето.
Употребата на слики и симболика е сеприсутна во поетските дела на Фосе, вклучувајќи ја
„Sterk Vind„ („Силен ветер“2021) и неговата поетска збирка „Dikt I samling“ („Песни во
збирка“2021). Исто така, тој има преведено дела од Георг Тракл и Рајнер Марија Рилке на
нинорски јазик (од групата на северно германски јазици).
Во целост, делата на Јон Фосе навлегуваат во суштината на човековата состојба,
обработувајќи теми на неизвесност, анксиозност, љубов и загуба. Со својот уникатен стил
на пишување и длабокото истражување на секојдневните ситуации, успева да се етаблира
како важна фигура во современата литература и театар.