Што нѐ чека во 2025 – во економијата нема алхемија и светот не е розов
Реалноста знае често да ги спушти на земја предизборните ветувања или мерките за кои политичарите се убедени дека ќе понудат инстант решенија
Минатата година заврши со инфлација од 3,5 отсто, што е во границите на очекувањата, но и со намалена трговска размена со светот (за периодот јануари – ноември лани), при што падот на извозот е поголем од оној на увозот, што наметнува многу прашања што нѐ очекува во 2025 година на економски план. За мала и отворена економија како македонската, показателите за надворешно-трговската размена се од животно значење.
Преминот од една во друга година секогаш е добра прилика за пресек за направеното во изминатите 12 месеци и што може да се очекува во наредниот период. И речиси секогаш погледот напред е повеќе розов отколку што реалноста тоа го потврдува, особено ако тие прогнози доаѓаат од оние кои што се на власт.
Власта веќе наголемо ги стави розовите очила, проектирајќи светла иднина, па така многу проекти кои беа означени како „криминали на векот“ сега се историски достигнувања, припишувајќи си ја заслугата и на речиси готови инфраструктурни проекти, кои до пред нешто повеќе од половина година самата ги блокираше во парламентот.
Но, тоа е дел од политичкиот живот кај нас и за жал нема знаци дека работите ќе се променат во догледно време. Односно, оние кои што се на власт, но и другите во опозиција (без оглед кој кога ја има таа улога), да се однесуваат со почит кон јавните пари, бидејќи тие се пари на граѓаните, а не нивни, кои самите ги извадиле од сопствениот џеб.
Економијата си има свои закономерности и таму не е можна алхемија, односно од нефункционален систем, обременет со многу внатрешни проблеми, да се влета во систем кој ќе продуцира благосостојба. Реалноста знае често да ги спушти на земја предизборните ветувања или мерките за кои политичарите се убедени дека ќе понудат инстант решенија.
Многу очигледен пример е „милијардата од Унгарија“, која не беше дел од предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ и која нејзиниот лидер, Христијан Мицкоски ден по изборите, кога беше јасно дека ќе формира влада, што беше своевидна бомба. Настрана дилемите и полемиките што ги предизвика ова задолжување, кое дојде од партијата којашто изминатиот период својата платформа ја градеше на тезата дека земјата се презадолжува, но и за вистинското потекло на парите, на нивната намена и тн.
Набрзо се виде дека толку пари едноставно не можат да се инјектираат наеднаш во македонската економија, па задолжувањето се сведе на 500 милиони евра, од кои половината беа наменети за општините, а другата половина за кредити за компаниите.
Сето ова предизвика многу полемики – од една страна зошто Владата не се ангажира општините да го зголемат сопствениот капацитет да ги соберат своите средства (пред сѐ од данокот на имот), туку се задолжува да се финансираат проекти за кои Владата ќе биде врховен арбитер дали заслужуваат да добијат поддршка или не.
Кредитите за претпријатијата, означени како историски најевтини, исто така отворија многу дилеми. Прво, начинот на којшто се дојде до „историски најниска камата“ од 1,95 отсто, односно политичкиот притисок што беше направен врз банките, а потоа и фактот дека вкупната камата не е 1,95 отсто туку уште 3,25 отсто, кои ќе ги плаќа државата од Буџетот, односно излегува дека сите ние како граѓани ќе субвенционираме приватни компании да можат да остварат повеќе профит, кој не мора да значи и повеќе (идни) инвестиции, туку можност нивните сопственици или акционери да поделат дивиденда и со неа да си купат недвижности во земјава или странство, скапи автомобили…
Другиот аспект е времето кое што е потребно овие мерки да се имплементираат. Практиката покажа (во двата случаи, и оној со општините, и другиот со кредитите за претпријатијата) дека работите не одат онака како што посакуваат политичарите. Односно, дека и за двете намени има нешто што се вика процедури, избор на проекти, докажување на нивната оправданост, динамиката на користење на средствата… Тоа најдобро се отсликува за кредитите за претпријатијата, каде што сѐ уште нема официјална информација кои банки ќе учествуваат и за попрецизните услови под кои фирмите ќе може да ги побаруваат средствата.
Во меѓувреме, обврските кон кредиторот течат, бидејќи иако има тригодишен грејс период, тоа не се однесува и на каматите.
Ефектите од ова задолжување можеби ќе се видат (ако се финансираат проекти кои ќе овозможат додадена вредност, а не „бели слонови“, што е синоним за промашени инвестиции), но за тоа секако ќе треба време. Доколку, пак, се повтори приказната од „тајванските кредити“ и некои други задолжувања, каде што парите се даваа на партиски блиски луѓе и фирми, тогаш цената ќе ја плаќаме сите ние заедно, и тоа многукратно.
Инаку, розовите очила кои Владата сака да ги носи барем секој втор граѓанин, се гледаат и по уште најмалку два примера. Едниот е податокот дека македонската економија во третиот квартал пораснала за 3 отсто и дека тој е еден од најголемите во Европа. Секако, треба да радува фактот дека по подолг период растот на БДП достигнал таква вредност, но за да се извлекуваат заклучоци дека сме биле лидери на економски план е благо кажано, неумесно. Доволно е да се погледнат повеќегодишните показатели за да се заклучи дека Македонија не само што стагнира, туку и го губи чекорот со земјите од регионот. Повторно се враќаме на тезата дека чуда во економијата не се можни на краток рок, уште помалку инстант решенија, особено ако во меѓувреме не е ништо драматично променето во однос на стапката на корупција, сивата економија, или пак заради отсуство на даночни реформи, што се едни од постулатите во програмата на актуелната влада.
Другиот пример е изјавата дека лани сме привлекле странски директни инвестиции од над една милијарда евра и дека и по овој показател сме меѓу лидерите во Европа. Албанија, на пример, има 1,4 милијарди евра странски директни инвестиции во 2024. Секако, радува што СДИ во периодот јануари-септември достигнаа 838,2 милиони евра, но треба да се има во предвид и уште еден факт, а тоа е дека најголемиот дел се однесува на нето-приливи врз основа на меѓукомпаниски долг. За илустрација, во текот на третиот квартал од 2024 година, вкупните директни инвестиции во земјата бележат нето-приливи од 281,6 милиони евра, како резултат на зголемените нето-приливи врз основа на меѓукомпанискиот долг (219,5 милиони евра), сопственичкиот капитал (39,9 милиони евра) и реинвестираната добивка (22,2 милиона евра).
Исто така, треба да се види дали овој тренд ќе продолжи, или ќе спласне, за што барем на регионално ниво, показателите го зборуваат токму тоа.
Уште еден момент кој што е битен за странските инвеститори – станува збор за кредитниот рејтинг на земјата кој практично не е променет, или промените, ако ги има, се сведуваат на постојната оцена која влегува во таканаречените шпекулативни рејтинзи и која се менува само во делот на изгледите – стабилен, негативен или позитивен. За споредба, Хрватска веќе има инвестициски рејтинг, а Србија со сите проблеми што ги има е пред негово добивање.
Конечно, не помалку важно е какви се перспективите на економски план годинава. Познати се варијаблите врз кои што се темели Буџетот за ова година и сите посакуваме тие проекции да се остварат, но исто така не треба да се замижува и пред анализите кои неодамна ги презентираа Светска банка и други меѓународни финансиски институции, кои не го делат оптимизмот на Владата.
А, сигнали дека работите нема да одат мазно се токму показателите за надворешно-трговската размена за 11-те месеци лани. Вкупниот пад е всушност предупредување за македонската економија која доминантно зависи од размената со Европската унија, а во тие рамки особено со Германија. А, таму, како што е познато, работите не се добри. Само за илустрација, наспроти вкупниот пад на извозот од 5,9 отсто во првите 11 месеци лани, во истиот период падот на извозот кон блокот ЕУ 27 бил околу осум отсто, а кон Германија речиси десет отсто.
Тоа го потврдуваат и најновите штотуку објавени податоци кои велат дека фабричките нарачки во Германија паднале за 5,4 отсто на месечно ниво во ноември 2024 година, полошо од падот од 1,5 отсто во октомври. Станува збор за најостар пад од август.
Во контекст на овие податоци интересна е и една анализа која минатиот месец ја објави Виенскиот институт за економски студии со наслов „Колкав е ризикот од Трамп 2.0 за економиите на Централна, Источна и Југоисточна Европа?“, односно како регионот ќе го почувствува влијанието на Трамп преку најавените мерки во трговијата, потенцијално намалените инвестиции и доларот. Притоа се посочува дека политиките на Трамп би можеле негативно да влијаат на регионот преку намален извоз поради повисоки царини, помалку СДИ поради послабата безбедносна посветеност на САД кон Европа и повисока инфлација и каматни стапки поради посилниот долар, но и дека главниот предизвик сепак е континуираниот пад на германската индустрија, што може да се влоши со политиките на Трамп, односно дека тоа влијание би дошло посредно.
Конкретно, податоците покажуваат дека Македонија има минимална непосредна трговска изложеност кон САД, но затоа има највисока посредна изложеност преку Германија и ЕУ, што значи дека несаканиот развој на односите меѓу САД и ЕУ и САД и Германија, посредно ќе се почувствуваат и врз македонската економија.
Но, за овие прашања, како и евентуалните сценарија и мерки, ретко или воопшто не може да се слушне од надлежните институции и политичари. Некако полесно е да се шири оптимизам, колку тој и да бил (не)реален.