Што ја предизвика новата војна меѓу Израел и Хамас?


Како што расте бројот на загинати и се зголемуваат безбедносните последици, Израел го вперува прстот на обвинување кон Техеран за организирање на нападите од Хамас. Нападите можеби се родени од гнев, конкретно од повеќемесечното однесување на коалицијата на  израелскиот премиер Бенjамин Нетанјаху, вклучително и од провокациите во џамијата Ал Акса, но Иран и силите што ги поддржува имаат долгорочна стратешка цел: да ги спречат САД да ги предводи напорите да се постигне нормализација на односите меѓу Саудиска Арабија и Израел, потег што ќе ги зацврсти САД на Блискиот Исток – и во очите на Иран ќе ги лиши Палестинците од нивниот последен влијателен спонзор.

Целта на Иран е да го денормализира регионот и да направи речиси невозможно Саудиска Арабија да постигне договор. Израел, наспроти тоа, сака дипломатски да го намали палестинскиот конфликт, така што тој постепено ќе стане неважен, како што беше војната во Јом Кипур. Помошта што капка по капка и ја дава на Газа преку Катар е еден дел од оваа стратегија.

Во говорот претходно оваа недела, врховниот водач на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, испрати тенко шифрирано предупредување до Ријад дека секоја земја од Заливот што ги поддржува САД поддржува погрешен коњ.

„Дефинитивниот став на Исламската Република е дека владите кои имаат приоритет  нормализација на односите со ционистичкиот режим ќе претрпат загуби“, рече тој во забелешките пренесени од државните и полуофицијалните медиуми на Иран. „Како што велат Европејците, се обложуваат на загубен коњ. Денес, ситуацијата на ционистичкиот режим не е таква што треба да мотивира блискост со него; тие не треба да ја направат оваа грешка“.

Во петокот му се придружи шефот на Исламскиот џихад, Зиад ал Нахала, кој рече: „Оние кои брзаат кон нормализација со ционистичкиот проект мора да знаат, и знаат, дека ова е нивно признание дека Палестина не е наша и дека Ерусалим со својата џамија не е наш“.

Саудиска Арабија оваа година очекува да се намали нејзината економија поради намалувањето на производството на нафта и поради тоа очајнички бара странски инвестиции и копнее по технолошката динамика на Израел. Трговијата на Обединетите Арапски Емирати со Израел се удвои на 2,56 милијарди долари во 2022 година по склучувањето договорот за слободна трговија со земјата. Но, Ријад, сега член на растечката дипломатска тенденција, исто така сака нови американски одбранбени гаранции, слични ако не и подобри на оние што му беа дадени на Бахреин во септември, и пристап до цивилна нуклеарна енергија. Потребно е и нешто опипливо за рестартирање на израелско-палестинските преговори. Антони Блинкен, американскиот државен секретар, требаше да разговара за сето ова со престолонаследникот Мохамед бин Салман на регионална турнеја следната недела.

Сега, со почетокот на она што би можело да стане регионална војна, пресметките за ризикот се сменија. Хамас ја покажа својата огнена моќ и ја прошири својата база надвор од Газа. Далеку од тоа дека конфликтот се намалува, тој е проширен. Првичниот одговор на Ријад не беше охрабрувачки за Израел ниту, со оглед на разгорените страсти, можеше да си дозволи да биде.

Министерството за надворешни работи на Саудиска Арабија ја истакна ситуацијата без преседан меѓу одредени палестински фракции и окупаторските сили и повика на воздржаност од сите страни. Но, потоа потсети на „неговите повеќекратни предупредувања за опасност од експлозијата на ситуацијата како резултат на континуираната окупација, лишувањето на палестинскиот народ од нивните легитимни права и повторувањето на систематските провокации против неговите свети места“.  Тој  ја повика меѓународната заедница да  рестартира кредибилен мировен процес заснован на решение со две држави.

Катар беше уште помалку двосмислен, велејќи дека Израел е „единствено одговорен за тековната ескалација поради неговото континуирано кршење на правата на палестинскиот народ, вклучително и неодамнешните повторени упади во џамијата Ал Акса под заштита на израелската полиција“.

Оттогаш, саудискиот министер за надворешни работи разговара со Блинкен, високиот претставник на ЕУ Јосеп Борел и со сите колеги во Заливот. Плодовите од тие разговори ќе се видат кога Советот за безбедност на ОН ќе се состане на итна седница и ќе ги слушне повторените повици за воздржаност. Но, многу дипломати приватно признаваат дека ја плаќаат цената што дозволија блискоисточната криза да се најде на задната страна на нивната агенда.

Вистинската дипломатска работа ќе се прави зад сцената. На краток рок, Турција и Египет ќе дејствуваат како посредници. Египет, кој и самиот се соочува со избори за два месеци, не може да си дозволи  хаос во Газа. Првичната цел на Хамас ќе биде да го натера Израел двапати да размисли за обемот на неговата одмазда. Портпаролот на бригадата на Хамас, ал-Касам Абу Убаида рече: „Бројот на израелските затвореници е многукратно поголем од она што го објави Бенjамин Нетанјаху, тие се присутни во сите оски во Појасот Газа и тоа што им се случува на луѓето од Газа ќе им се случи и ним. Затоа, пазете се од погрешна пресметка“.

Хезболах, исто така, испрати порака преку Египет до Израел за потенцијалните последици од целосниот напад врз Газа. САД од своја страна го повикуваат Израел да  деескалира, да се воздржи од копнен напад и да се потпре на мерки како што е прекин на снабдувањето со електрична енергија во Газа за да го принуди Хамас да преговара. Внатре во Израел, исто така, има гласови кои повикуваат на смиреност, велејќи дека по таков безбедносен пропуст е потребна влада на единство што ќе му овозможи на Нетанјаху да стави крај на неговата катастрофална зависност од екстремистите за да остане на власт. Со животите на толку многу заложници во прашање, одмаздата ќе треба внимателно да се калибрира.

Вештините за политичко преживување на Нетанјаху се добро познати, но ќе биде тешко да се избегне вината за таквото очигледно разузнавачко фијаско. Голда Меир замина како премиер во рок од шест месеци по војната во Јом Кипур, отстапувајќи го местото на Менахем Бегин и отварајќи приостор за договорот од Кемп Дејвид со египетскиот Анвар Садат во 1978 година. Во моментов, тешко е да се замисли повторување на таков оптимистички синџир на настани. (Гардијан)