Шпорет за готвење во природа, македонска иновација наградена за зелена бизнис идеја (видео)
Мобилен шпорет за готвење во природа, е македонската иновација што доби награда на регионалниот натпревар „Зелени идеи“. Производот е на Трајче Рушев од MobiStove и е наменет за сите љубители на природата: планинари, кампери, шумски работници, крос кантри велосипедисти, оператори на екотуризам, организатори на музички фестивали на отворено,…
-Ова е прв пат мојата иновација Mobi Stove да се презентира регионално. Се радувам што жирито ја препозна иновацијата и потенцијалот за комерцијализација и бизнис модел. Истовремено, ме радува и што сите присутни пројавија интерес за цена, нарачка и начин на достава. Mobi Stove e шпорет со иновативен систем и дизајн, наменет за безбедно, лесно и ефикасно готвење во природа, користејќи минимална енергија достапна во природата како отпадна биомаса (суви гранчиња, шишарки, пелети), а притоа, поради доброто и регулирано согорување, да не испушта загадувачки гасови, рече Рушев.
Тој развива и модел што ќе биде наменет за земјите во развој каде, како што истакнува, 2,3 милијарди луѓе готват на отворен оган и на неефикасни шпорети кои испуштаат големи количини гасови.
-Регионалната победа е мотивација и можност овој патентиран производ што побргу да го има во продажба, додава Рушев.
Доделувањето на наградите се одржа вчера, во Мозаик старт-ап студиото во Сараево. Покрај македонската иновација, награди добија и зелени идеи од Косово, Србија и Црна Гора.
На регионалниот натпревар земјава учествуваше и со идејата „Урбана фарма во контејнер за производство на микрозелени со аеропонски систем на одгледување” на Снежана Јаковска (Интеллигент Индоор Фарм) и „BIOHIDE” на Ангелина Серафимовска од ЛеатхерандХиде.
„Зелени идеи“ постои 13 години и е пионерска програма за поставување критериуми и вредности за бизниси кои истовремено прават добро за животната средина, се важни за заедниците и имаат економска логика.
Во земјава, АРНО го организира натпреварот од 2015 година, вклучувајќи обуки, медиумски апели и програми за поддршка на сите што имаат идеја или зелен бизнис во почетна фаза од развојот.