Шпанците протестираа заради високите цени на станарините
од слоганот „Домувањето е право, а не бизнис“, илјадници луѓе се собраа во неделата на улиците на Мадрид за да го изразат своето незадоволство од високите цени за изнајмување на становите, јавуваат агенциите. Ситуацијата доведе до тоа шпанските граѓани да изразат бес поради тоа што не можат да живеат во своите градови. Бланка Прието, 33-годишна медицинска сестра, истакна дека тие се принудени да ги напуштат градовите и ја повика владата да ги регулира цените и пазарот на недвижности.
Во јули оваа година, шпанската влада ги објави плановите за сузбивање на краткорочните и сезонските изнајмувања и истрагата за огласите на платформите како Airbnb и Booking.com за да потврди дека ги имаат потребните лиценци. Шпанските власти се соочуваат со предизвикот како да ја координираат промоцијата на туризмот, клучен двигател на домашната економија, со решавање на проблемот со високите кирии кои се последица на пренасочувањето на сопствениците на имотот кон попрофитабилно туристичко сместување.
Во Барселона имаше посебен протест против одржувањето на едриличарската трка на Купот на Америка, каде што демонстрантите го обвинија меѓународниот спортски настан за зголемување на цените за изнајмување и носење уште повеќе туристи во и онака пренаселениот град.
На почетокот на оваа година, жителите на Канарските Острови и Малага исто така организираа протести, изразувајќи незадоволство од зголемената преориентација на сопствениците на имотот кон туристичко сместување. Ова доведе до потешкотии за сезонските работници во туристичката индустрија да најдат соодветно домување, принудувајќи ги да спијат во камп приколки или дури и автомобили.