Шолц го критикува Маск поради злоупотреба на социјалните мрежи и поддршка на екстремната десница


 Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска го обвини американскиот милијардер Илон Маск, сопственик на платформата Икс, дека ги користи неговите социјални медиуми за да се меша во глобалните прашања и да поддржува екстремно десничарски движења.

Во интервју за турски медиуми, пред парламентарните избори закажани за 23 февруари во Германија, Шолц изрази загриженост за влијанието на Маск врз демократските процеси во Европа.

„Го запознав Маск одамна. Разговаравме кога ја отвори својата фабрика во Бранденбург. Подоцна имавме уште еден телефонски разговор, кој исто така беше за неговите деловни интереси. Меѓутоа, тој неодамна почна да ја користи својата новостекната медиумска моќ за да се меша во сите случувања ширум светот“, рече Шолц.