Шливовицата впишана на листата на нематеријално културно наследство на УНЕСКО


 

УНЕСКО ја запиша српската шливовица на Репрезентативната листа на светско нематеријално културно наследство, јави дописникот на МИА од Белград.

Шливовица на таа листа е запишана под името „Социјални практики и знаења поврзани со подготовка и употреба на традиционалниот пијалок од сливи – Шљивовица“, како елемент на нематеријалното културно наследство на Србија.

Како што соопшти Министерството за култура, одлуката за регистрација ја донел Меѓувладиниот комитет за зачувување на нематеријалното културно наследство на 17-та седница одржана во Рабат, Мароко.

Вклучувањето на знаењата и вештините потребни за подготовка на шливовицата во домаќинствата и неговата употреба во секојдневната и обичајната практика на Репрезентативната листа на УНЕСКО значително придонесува за зголемување на видливоста на нематеријалното културно наследство на национално и локално ниво, како и на меѓународната промоција на „живото наследство“ на Србија, се наведува во соопштението.

„Номинацијата, која ги обединува културата на одгледување слива, традиционалните занаети, културата на исхраната и обичаите, како и печењето на шливовицата и неговата употреба за време на приватни или јавни настани, ја одразува широката распространетост на елементот и најдобро покажува колку традиционалните вештини и практики може да се развиваат во модерно опкружување, зачувувајќи го неговото значење дури и во услови на развој на современото општество“, се додава во соопштението.

Во него се потсетува дека елементи на Репрезентативната листа на нематеријално културно наследство на УНЕСКО од Србија се и семејната слава (2014 година), коло – традиционално оро (2017 година), пеење со гусли (2018 година) и Злакуското грнчарство (2020 година).