Схинас: ЕУ нема да толерира национализам и популизам во Северна Македонија
„Првите примероци на пишување на новото раководство на Северна Македонија покренуваат сериозни прашања за политичкиот и правниот поредок“, истакна потпретседателот на Европската комисија, Маргаритис Схинас, во врска со однесувањето на македонската претседателка Гордана Силјановска Давкова при инаугурација кои во грчката јавност се толкува како кршење на одредбите од Договорот од Преспа.
-Има уште време да го напушти ќорсокакот на националистичкото заострување и ревизионизмот. Се надевам дека едногласните реакции на европското и атлантското семејство на нивните први изјави и постапки ќе бидат храна за размислување за носителите на одлуки во Скопје, рече Схинас.
Тој при посетата на Саемот на книгата во Солун потсети на острите тонови кои дојдоа од Европската Унија и предупреди колку е важно земјава како кандидат за членство во ЕУ да не ги бранува соседите.
-Никој во ЕУ не е подготвен да толерира овие логики да се воведат во ЕУ. Никој нема да заложи за членство во ЕУ на земја-кандидат што отстапува од своите обврски и ги вознемирува соседите кои се веќе членови на европското семејство. Нема да се толерира никакво националистичко или популистичко повлекување во регион на кој му требаа децении за да се надминат длабоките јазови што ги отвори војната и етничките конфликти, нагласи Схинас.
Тој во изјавата потесети дека ЕУ останува, убедливо најголемиот инвеститор на Балканот.
-Времето е критично за да се дозволи отстапки за европскиот систем на владеење базирано на вредности и иституционалната архитектура на ЕУ. Денес, повеќе од кога било во минатото, итна е европеизацијата на Балканот, а не балканизацијата на Европа“, потенцираше потпретседателот на ЕК.
Со реакција повторно се јави и шефот на дипломатијата на Грција, Јоргос Герапетритис.
-Договорот од Преспа е меѓународен ратификуван договор и не може да се менува и да се ревидира еднострано, рече Герапетритис говорејќи за грчкото радио „Talk radio 98.9,
Во утринското интервју, шефот на грчката дипломатија посочи дека „во овој момент постои едно прашање што произлезе по изборите во Северна Македонија“, но и истакна дека тие секако го почитуваат изборниот резултат.
– Она што секогаш го потенцираме е дека независно од разликите, од идеолошките и политичките разлики што може да ги има ги има новото политичко раководство кон Договорот од Преспа, тоа е меѓународен договор што е ратификуван. Не се менува и не се ревидира еднострано од страните. Претставува една многу основна точка врз која се изградија меѓународните односи на Северна Македонија. Се подразбира дека Европската унија ги оценува прашањата од Договорот од Преспа и целосното и доследно спроведување и затоа мислам дека политичкото раководство на Северна Македонија ќе ги оцени овие прашања и ќе се усогласи со барањата од Договорот од Преспа, истакна Герапетритис.
Додаде дека Грција, од своја страна го следи доследното спроведување на Договорот и потсети дека „денешното владино мнозинство како опозиција навремено ги укажа сивите точки на Договорот“.
– За мене она што е важно е дека треба ги почитуваме договорените работи, не затоа што се согласуваме со договореното, туку затоа што е договор за континуитетот и стабилноста и во секој случај не можеме да создаваме еднострана рамка врз која ќе се градат политички кариери, посочи шефот на грчката дипломатија.