Шест средни училишта во Скопје добиваат нови подлоги на спортските терени
Средните скопски училишта добиваат нови и модерни спортски терени, се пофали денеска градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, а од фотографиите во прилог, се гледа дека на веќе постоечки терени се поставува пластична подлога, наменета за игра на надворешни услови.
– Горд сум кога нашата визија што ја градиме, полека добива своја форма, што ми дава уште поголема инспирација и мотив да продолжиме уште посилно. Со силна и јасна цел да ги мотивираме средношколците да живеат здраво, ставаме огромен фокус во инвестирањето во спортската инфраструктура. Ова е инвестиција во здрави генерации кои се темелот на нашата иднина, порача градоначалмикот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски.
Во моментов се во реализација нови и реконструирани спортски терени, во училишта:
– СУГС „Браќа Миладиновци“ – повеќенаменско спортско игралиште.
– СУГС „Здравко Цветковски“ – повеќенаменско игралиште со специјално уредени спринт-патеки.
– СУГС „Димитар Влахов“ – ново фудбалско и кошаркарско игралиште.
– СУГС „Кочо Рацин“ – фудбалско игралиште, терен за одбојка и целосно реконструиран под во спортската сала.
– СУГС „8 Септември“ – игралиште за кошарка и одбојка.
– СУГС „Ѓорѓи Димитров“ – тениско, кошаркарско и фудбалско игралиште.
– Сите овие терени се градат со високо-квалитетни и издржливи материјали, односно полипропиленски спортски подови од ист тип како оние што се користеа на Летните Олимписки игри во 2024 година. Ова е стандарден избор кога се сака безбедност, издржливост и професионални услови за тренинг, порача градоначалникот кој најави дека во континуитет ќе се продолжи со развој и унапредување на спортската инфраструктура низ целото Скопје.