Северна Македонија официјално се вклучува во проектот Александруполи за течен природен гас и гасна централа


Северна Македонија ќе биде дел од проектот за изградба на терминал за течен природен гас на 17 километри од Александруполи за складирање и гасификација на течниот природен гас со капацитет од над 5,5 милијарди кубни метри, изјави денеска на прес-конференција премиерот Зоран Заев, по повод потпишување на меморандумите за реализација на проектите за терминал на течен природен гас, обезбедување  капацитет за природен гас и гасната централа Александруполи.

Северна Македонија учествува со 25 проценти во гасната централа на природен гас во Александруполи со 800 мегавати, проценетата инвестиција од над 380 милиони евра, во гасниот терминал 10 проценти учество со вредност од околу 370 милиони евра, поддржан проект од ЕУ, кои според планираното треба да бидат пуштени во употреба до 2023 година.

Станува збор за Меморандум за соработка помеѓу Националните енергетски ресурси „НЕР АД“ Скопје и „Елени Асмина Копелозу“ и Меморандум за соработка помеѓу Електрани на Северна Македонија „АД ЕСМ“ и „Гастрејд“ за закуп на капацитет во терминалот, како и Меморандум за соработка помеѓу „АД ЕСМ“ и „ДАМКО ЕНЕРЏИ“ за стекнување на 25 проценти удел во „Александруполис електрисити продакшан“.

Официјално, нагласи Заев, ја зацврстуваме соработката на полето на енергетика со компании од соседна Грција.

– Нашето вклучување во изградбата на терминалот Александруполи во Грција ќе создаде можност за трајно и стабилно снабдување со природен гас за земјата, од каде потоа ќе се дистрибури и пошироко во регионот, изјави Заев.

На настанот за потпишувањето присуствуваа извршниот директор на Копелузос Груп, Христос Копелузос и заменик-претседателот на Гастрејд, Коститс Сифнеос, претставници на американската Амбасада, како и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, министерот за економија Крешник Бектеши, извршен директор на Национални енергетски ресурси – „НЕР АД“ Скопје Бајрам Реџепи и претседател на УО и генерален директор на А.Д. Електрани на Северна Македонија – „А.Д ЕСМ“ Васко Ковачевски.

Според вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, ова е историски ден, а со оваа инвестиција се обезбедува резервирање на капацитети за сигурно и стабилно снабдување на земјата со гас, без ризици во следните 15 години.

– Со ова, значително ќе се зголеми снабдувањето со природен гас во државата и во регионот, имајќи предвид дека нашите планови вклучуваат и нови гасоводни врски со Косово, Албанија и Србија. Со поврзувањето со земјите од Западен Балкан, Северна Македонија ќе стане транзитна рута на природен гас, а целта е таа да стане дел од енергетскиот хаб на Балканот, нагласи Битиќи.

За министерот за економија Крешник Бектеши овие проекти се од клучно значење за развој на енергетскиот сектор, а придобивки ќе имаат и граѓаните, компаниите, животната средина и општеството во целина.

Извршниот директор на „Копелузос Груп“, Христос Копелузос очекува дека за две и пол години од денес, Северна Македонија да почне да добива енергија од сопствена гасна централа во Александропулос по многу компетитивни цени.

– Заедно ќе развиеме ултра модерна и максинално енергетски ефикасна централа, што ќе ја зголеми енергетската безбедност, ќе ја намали цената на струјата и ќе ја зголеми компетитивноста на бизнисот и граѓаните во вашата земја, рече Копелузос.

Заменик-претседателот на „Гастрејд“, Коститс Сифнеос, кој исто така присуствуваше на потпишувањето, посочи дека гасниот терминал во Александропулос е уникатен проект не само за Грција, туку и за целиот регион на Балканот кој нуди безбедност и диверзификација на испораката на гас.

Во Владата беа потпишани три меморандуми – меѓу Национални енергетски ресурси Скопје и Елени Асмина Конпелозу, потоа меѓу Електрани на Северна Македонија и Гастрејд за закуп на капацитетот во терминалот и меѓу ЕСМ и Дамко Енерџи за стекнување на 25 проценти удел во Александруполос електрисити продакшн.