Северна Македонија и македонската нација се „деца“ на антифашизмот
АКСЕЛ СОТИРИС ВАЛДЕН
Улогата на Бугарија за време на војната не е билатерално прашање со Македонија. Фашистичката Бугарија окупираше делови од соседните земји (вклучително и Грција) и изврши злосторства. Негирањето на овие злосторства не може да биде предуслов за добри односи со денешна Бугарија
Министрите на ЕУ ќе дискутираат за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија по којзнае кој пат на 8 декември. Доколку Бугарија не го повлече ветото, Северна Македонија повторно ќе се соочи со блокада на патот кон Европа. Ваквиот развој на настаните би нанел сериозен удар врз демократските сили во соседната земја и сериозно би влијаел на европскиот курс на целиот Западен Балкан и стабилноста во регионот.
Во Грција, каде што македонскиот јазик доминираше на политичката сцена повеќе пати, денес никој не се занимава со Северна Македонија и Балканот. Сепак, она што се случува северно од нашите граници продолжува да има клучно влијание врз нашата безбедност и значително да го обликува нашето меѓународно опкружување. Од првиот момент на независностa во 1991 година, Северна Македонија ја постави како своја главна цел пристапувањето кон ЕУ. Во првите 27 години, Грција ѝ го попречуваше патот. Поради главно имагинарно прашање, водевме политика што е заведена како црна точка во нашата историја (ембарго, вето, осуда од Меѓународниот суд на правдата, незнаење за осудата и сл.). Овој став значително му наштети на нашиот сосед, но и на нашата надворешна политика, истовремено поттикнувајќи го национализмот и кај нас и таму.
За среќа, пред две години беше прекината стерилната полемика околу името. Во Скопје, новата демократска и умерена влада го замени авторитарниот режим на Груевски и го напушти националистичкиот екстремизам. Кај нас, владата на Алексис Ципрас најде храброст што им недостасуваше на претходниците за да промовира заемно корисно решение, со компромиси од двете страни. Против Договорот од Преспа жестоко се бореа националисти и популисти во двете земји, а меѓу нив Киријакос Мицотакис. На крајот, сепак, договорот беше ратификуван и Мицотакис, како премиер сега, со (добредојден) спектакуларен „кубизам“, го применува.
За соседот, компромисот од Преспа не беше лесен. Земјата мораше да отстапи од правата што ѝ ги даваат меѓународните закони, како што се самоопределување за името и интересот за малцинствата во соседните земји. Таа исто така се согласи да вклучи во меѓувладиниот договор прашања што треба да ги засегаат историчарите, а не владите. Но, Договорот ги задржа основите: зборот Македонија во името, македонскиот јазик и (индиректно) македонската нација.
Олеснувањето од Договорот од Преспа, сепак, не траеше долго. Претседателот Емануел Макрон неразумно го поврза почетокот на пристапните преговори на Северна Македонија и Албанија со решавањето на главните егзистенцијални прашања на ЕУ. А, Скопје го прифати компромисот со Грција само за да го отвори патот кон Европа. Потребни беа речиси две години за Макрон да се увери во неговата грешка и ЕУ да ги надмине своите приговори со лажни реформи во процесот на пристапување. Но, кога конечно требаше да започнат преговорите, Бугарија ги изнесе своите традиционални приговори за македонскиот идентитет и стави вето. За ова придонесе зависноста на владејачкото мнозинство во Софија од крајно десничарска партија.
Како и во минатото во Грција, „националната“ позиција има широка поддршка во Бугарија, вклучително и од социјалистите. Во бугарскиот национален наратив тешко се прифаќа македонската етногенеза. Тој ги смета Македонците за Бугарите а македонскиот јазик за дијалект на бугарскиот јазик. Дури и во официјалните документи со кои се прифаќа постоење на посебна нација од 1940-тите години наваму, признавањето е „половично“, не се протега на пример на јазикот. Покрај тоа, Бугарија ги условува преговорите со „заедничка“ историја на двата народа, практично тврдејќи дека таа е нејзина ексклузивна сопственост. Бугарскиот национализам ја ревидира историјата од Втората светска војна: негира дека Бугарија била окупаторска сила во југословенска Македонија, бидејќи едноставно „владеела“ или „ослободувала“ сонародници. Уште повеќе, ја истакнува својата улога како „ослободител“ на Југославија, затоа што во 1944 година го смени кампот пред појавата на Црвената армија.
Бугарските националистички позиции кон македонската нација, јазик и историја потсетуваат на соодветните позиции на грчкиот национализам и влијаат врз јадрото на националниот идентитет на нашиот соседен народ. Деконструкцијата на овој идентитет би имала катастрофални последици за кохезијата на Северна Македонија и за стабилноста во регионот, со можен развој на поделбата на земјата на бугарска и албанска сфера. Како Северна Македонија ќе го дефинира својот национален идентитет и како ќе ги реши своите разлики со Бугарија е нејзино прашање. Сепак, некои аспекти на ова прашање се интересни за нас, како Грци и Европејци.
Улогата, на пример, на Бугарија за време на војната не е билатерално прашање. Фашистичката Бугарија окупираше делови од соседните земји (вклучително и Грција) и изврши злосторства. Негирањето на овие злосторства не може да биде предуслов за добри односи со денешна Бугарија, исто како што добрите односи со денешна Германија не претпоставуваат негирање на холокаустот и други злосторства на нацистичките Германци.
Државата Северна Македонија и, во голема мера, македонската нација се „деца“ на антифашизмот. А, проектот на обединета Европа е изграден врз антифашистичкото наследство. Но, постојат сили на кои им пречи ова. Под изговор на антикомунизмот, тие се обидуваат да ја напишат одново историјата. Тие го обвинуваат Советскиот Сојуз, а не Хитлер, за војната. Во Бугарија Тито е обвинет не толку за неговиот диктаторски режим (кој беше многу поблаг од сталинистичките режим на неговите соседи), туку за отпор кон бугарските окупатори и охрабрување на македонската етногенеза.
Низ цела Европа негирањето на антифашизмот е средство за заживување на суровиот и реакционерен национализам. Во врска со ова, некои од неодамнешните формулации на премиерот Зоран Заев дадени во интервју се чини дека прават отстапки за бугарскиот ревизионизам и се прилично несреќни. Тој, исто така, беше критикуван во неговата земја од прогресивните личности.
Атина сега се чини дека зазема одговорен став во ЕУ и се дистанцира од бугарските позиции. Би било соодветно да го искористи своето влијание, искористувајќи ги добрите односи со Бугарија, за да придонесе со нашето искуство во постигнувањето компромис. Ситуацијата на Балканот е загрижувачка. Кризи се шират во повеќето земји и би било трагично за грчките интереси да се случи уште една опасна епидемија на можеби единствениот дел од регионот што овозможува оптимизам, па дури и во време кога се соочуваме со големи предизвици на друго место. Се надеваме дека овојпат Нова демократија ќе се спротивстави на националистичките искушенија. Затоа што има многу супер-патриоти кои се радуваат кога Бугарија се обврзува дека ќе продолжи со блокирање на Северна Македонија. Се надевам дека ќе се најде решение веднаш. Скопската влада покажува компромис.
Во неодамнешното интервју, Заев ѝ понуди привилегирано пријателство на Бугарија, ја осуди антибугарската пропаганда, ветува дека нема да ги поттикнува малцинствата и ја поканува Бугарија да го контролира воздушниот простор на неговата земја заедно со Грција. Разбирливо е, сепак, дека деконструкцијата на македонскиот национален идентитет не може да биде прифатена од ниту една влада во Скопје. Покрај тоа, Софија не смее да го игнорира фактот дека македонскиот идентитет е консолидиран многу децении. Европа не може уште еднаш да дозволи национално его да преовладува на Балканот. Би било морално неприфатливо да продолжат 30-годишните сизифовски маки на луѓето од Северна Македонија. Тоа би било шокантно побивање на вредностите за кои се залагаме. И, се разбира, тоа дополнително би го нарушило кредибилитетот на ЕУ, на штета на интересите на сите нас.
(Аксел Сотирис Валден, кој е со грчко и шведско потекло, е професор на Универзитетот во Брисел, поранешен функционер во Европската комисија во ресорот проширување, поранешен советник на грчката влада и координатор на Самитот на ЕУ за Балканот во Солун)