„Севда“ ја слави љубовната симфонија на целиот Балкан: Интервју со Дијана Имери-Илкоска, диригент

Во листата на песни замисливме да бидат опфатени најубавите љубовни теми кои доаѓаат од народностите кои живеат на оваа територија и сепак тоа да бидат староградски народни песни бидејќи секогаш целта е да се биде иновативен и оригинален, односно да се направи нешто на начин на кој никогаш не било направено досега, вели во интервју за Независен, Имери-Илкоска


Фото: Б. Грданоски

Цел Балкан во една вечер во Филхармонија. Солист на пијано, српскиот пијанист Васил Хаџиманов, ангелскиот глас на босанската ѕвезда Божо Вреќо, најубавите балкански љубовни рефрени, севда и на сцена и во публика. На 16 февруари концерт за Денот на вљубените како Скопје не памти, а зад магичната вечер, во улога на аранжер е  Дијана Имери Илкоска (1988), една од најнадежните македонски диригенти , која, воедно ќе застане зад пултот и ќе го води оркестарот на Филхармонија низ ова несекојдневно музичко патување . Дипломирала во класата на проф. Саша Николовски-Ѓумар (Оркестарско диригирање во 2014 г., Хорско диригирање и Музичка Теорија и Педагогија во 2011г.), а магистрира во класата на проф. Борјан Цанев во 2018 г. Познатиот диригент – маестро Урош Лајовиц (Словенија/Австрија)  за нејзе ќе каже: …исклучителен талент и диригент кој може да ги оствари сите свои диригентски желби и да направи убедливи креации.“

Како најубавите балкански љубовни рефрени испеани од бисерните грла од регионалните и македонски ѕвезди ќе прозвучат во современ симфониски звук ни открива нашата соговорничка, Имери-Илкоска .

Фото: Б. Грданоски

Годинава за прв пат на македонската јавноста ќе се претставите  како аранжер за симфониски оркестар. Токму за традиционалниот концерт за Денот на вљубените во Филхархамонија, намерно или случајно?

– Всушност, тоа е една многу сериозна вештина на која работев многу години наназад уште од студентските денови, и е една од моите омилени компоненти од музичката уметност. Иако на овој концерт за прв пат ќе се претставам на македонската јавност како аранжер, аранжирањето е составен дел од мене долго време. Особено ме радува тоа што коцките се споија и околностите се создадоа токму сега и токму за овој проект којшто мене ми е исклучително драг. 

Што славите на 14 февруари со вашиот сопруг, познатиот пијанист Дино Имери – вино или љубов?

– Секој ден ја славиме љубовта со тоа што заедно го живееме и споделуваме секој момент од живеењето. И двајцата не сме љубители на алкохолни пијалаци, така што и на 14 февруари како и сите други денови ја славиме љубовта.

Колку ви беа предизвик балканските рефрени од љубовен карактер испеани од бисерните грла на Тома Здравковиќ, Јадранка Стојаковиќ, Нина Спирова, Сафет Исовиќ, Александар Сариевски, Даворин Поповиќ, Шабан Бајрамовиќ и многу други, да ги претворите во современ симфониски звук?

–  Пред сѐ, да се одберат песни кои подоцна ќе се аранжираат е многу сложен процес поради тоа што не секоја песна е погодна за обработка во одреден музички стил и жанр. Оттука, изборот на песни е на еден начин ограничен бидејќи ограничува самиот стил, а истовремено пак, во начинот на аранжирање сакав да сум доследна на себе затоа што мојот стил на изразување опфаќа една силна индивидуална естетика, традицијата која доаѓа од западноевропската класична музика, но и се’ што сум поминала како музичар низ годините. Така што, навистина беше сериозен и тежок подвиг, но истовремено чувствував огромна радост што во целиот тој процес на работа се случи едно многу интересно себеспознавање и потврда за тоа што е со години работено, истражувано, слушано.

Фото: Б. Грданоски

Зошто токму тие песни („Жуте дуње”, „Да зна зора”,  „Ко ли ночас милује ти косу”, „Tuke kamerav” („I barval pudela”), „Кажи, кажи либе Стано”,  „Сношти сакав да ти дојдам”, „Ne bankat shkollore moj mike”, „Ајде дали знаеш, паметиш Милице”, „Од љубов не се бега”, „Што те нема”, „Свирајте ми тихо, тихо”, „Севда”…)?

– Во листата на песни замисливме да бидат опфатени најубавите љубовни теми кои доаѓаат од народностите кои живеат на оваа територија и сепак тоа да бидат староградски народни песни бидејќи секогаш целта е да се биде иновативен и оригинален, односно да се направи нешто на начин на кој никогаш не било направено досега.

Како ги избравте гостите (Божо Вреќо и Васил Хаџиманов) и дали веднаш прифатија?

– Изборот на солисти беше диктиран од самиот репертоар. Се работи за уметници од врвен калибар кои работат во многу специфичен и препознатлив музички стил. На мое големо задоволство тие веднаш ја прифатија поканата и се инволвираа на креативен начин во завршната етапа од процесот.

Професионално постојано сте во допир со класичната музика – како диригент активно  настапувате со оркестарот на Македонската Филхармонија, имате свој камерен оркестар составен од врвни инструменталисти наречен “ID Chamber Orchestra” со кој остварувате уникатни настани, издадовте албум за дискографската куќа “Con:tempo” наречен „Филхармонија во срцето” со капитални дела од класичната литература, неодамна вашето дело „Корени” доживеа изведби во Белград, Љубљана и Скопје, но и дискографско издание…Што слушате приватно и што најмногу ве одмара?

– Најмногу ме одмара прекрасниот звук на тишината затоа што тука најгласно можам да си ги слушнам моите мисли и идеји. Во слободно време со моето семејство слушаме музика од различни жанрови.

Како функционирате семејно со многу обврски и патувања? Која е тајната на вашата семејна среќа?

– Најважната состојка покрај љубовта е почитта. Како и сите современи семејства, и нам начинот на живот ни е навистина молскавично брз и преполн со обврски. Но, почитта едни кон други и кон она што го правиме ни дава бескрајно разбирање и го олеснува текот на секојдневието и пропратните ангажмани.

Останавте во Македонија. Дали имавте понуди кариерата да ја продолжите во странство?

– Да, имав. Но, одлучив да останам тука затоа што имав професор од светски калибар од кој можев да научам многу. Исто така, тука е моето семејство коешто ми е безрезервна поддршка и без кое било каков успех и достигнување ми е невредно ако не можам да го споделам со нив, ако не можам да ги прегрнам моите мајка, татко, брат, сестра… сите мои најблиски.

Кои ви се следните проекти?

– Сите следни проекти кои ќе се случуваат во текот на целава година се планираат токму овој период. Сега за сега во план ми се неколку настапи во повеќе градови во Македонија со мојот камерен оркестар „ID chamber orchestra”, а во тек се и преговори за евентуално гостување во земјите од регионот. Секако, секој проект што  следи ќе биде иновативен и интересен за публиката, со интересна програма за кој што јавноста ќе биде навремено известена и поканета да биде дел од него.