Сеул подготвува реакција на апсењето на 475 јужнокорејски работници во САД


Јужнокорејскиот претседател Ли Џае Мјунг  денеска наложи итна реакција по апсењето на стотици јужнокорејски граѓани во фабрика за батерии на „Хјундаи мотор“ во американската сојузна држава Џорџија.

Министерот за надворешни работи Чо Хун соопшти дека е формиран кризен тим и најави дека, доколку е потребно, ќе отпатува во Вашингтон за разговори.

– Длабоко сум загрижен и чувствувам голема одговорност за апсењата на нашите граѓани, изјави Чо на вонредна владина седница.

Американската служба за имиграција и царина (ICE) потврди дека биле приведени околу 475 работници, меѓу кои повеќе од 300 Корејци, при најголемата операција на Министерството за внатрешна безбедност на едно место. Во акцијата биле вклучени хеликоптери и оклопни возила.

Официјални лица во Џорџија изјавија дека компаниите мора да вработуваат странски работници само на законски начин.

– Оваа операција испраќа јасна порака дека оние што ја злоупотребуваат системот ќе сносат одговорност, изјави специјалниот агент Стивен Шранк.

„Хјундаи“ најави дека ќе ги провери своите подизведувачи, додека „LG Energy Solution“, која го гради објектот заедно со „Хјундаи“, потврди дека 47 нејзини вработени и околу 250 работници од подизведувачи се меѓу уапсените. Компанијата ги стопираше службените патувања во САД, освен за состаноци со клиенти.

Случајот може дополнително да ги влоши односите меѓу администрацијата на Доналд Трамп и Сеул, кои веќе се соочуваат со несогласувања околу трговскиот договор што вклучува 350 милијарди долари корејски инвестиции во САД.