СЕП ќе прерасне во министерство, најавуваат од „Вреди“
Градоначалникот на Општина Чаир и член во работната група за преговорите за новата влада од коалицијата „Влен“, Висар Ганиу денеска потврди дека Секретаријатот за европски прашања прераснува во Министерство за европски прашања. Тој нагласи дека преговорите поминале во одлична работна атмосфера.
„Можам да констатирам и да потврдам дека преговорите поминаа во одлична работна атмосфера. Имавме напорни денови, бидејќи за сѐ што требаше да дискутираме дискутиравме и на маса беа сите аргументи. Завршивме еден циклус што е битен за нас. Во овој момент можам да потврдам дека СЕП прераснува и поминува во Министерство“, рече градоначалникот на почнувањето на изградбата на затворен школски базен во Чаир.
Ганиу нагласи дека остануваат на тоа што уште на почеток на преговорите кажале дека тие како преговарачки тим ќе одржат прес-конференција и ќе биде известена јавоста како се распределени директорските места во идната влада.