Селин Дион се враќа со стил – Ајфеловата кула осветлена во нејзина чест
Париз – Ајфеловата кула беше осветлена во посебни бои, синоќа, со зборовите „Селин Дион“, „Париз“ и „Подготвена сум“, а еден вид светлосно шоу во чест на враќањето на канадската пејачка на сцената во француската престолнина беше снимено од надзорна камера недалеку од Трокадеро.
Откако најпознатиот француски споменик во светот заблеска во сино, се појавија зборовите „Селин Дион“, „Париз“ и „Подготвена сум“, што дополнително ги потврдува гласините за враќањето на Селин Дион на сцената во Париз, објавува телевизијата BFM.
Официјалното објавување на нејзиниот претстоен концерт се очекува вечерва на France 2, објави телевизијата France синоќа на платформата X.
Овој 30 март означува уште еден важен датум за канадската дива – нејзиниот 58-ми роденден, што е уште еден симбол што го оправдува изборот на овој ден за големото објавување, според француската телевизија.
Веќе една недела се шпекулира за серија концерти што Селин Дион треба да ги одржи на есен во арената „Ла Дефенз“ во Париз, иако ништо официјално не е потврдено од уметникот, нејзиниот тим или арената.
Минатиот понеделник, нејзините обожаватели поставија постери со текстови од песните на Селин Дион напишани со црно на бела позадина.

Последен пат таа настапи на церемонијата на отворањето на Олимписките игри во Париз.
Во 2023 година, пејачката мораше да ги откаже своите концерти во Париз од здравствени причини, кои претходно беа одложени поради пандемијата на коронавирус.
Неколку месеци претходно, таа откри дека страда од синдром на вкочанета личност, ретка невролошка состојба поради која не може да пее.
Последниот концерт на Селин Дион во Франција беше во 2017 година.